Поранешниот водител и осуденик во предметот „Рекет“, Бојан Јовановски, познат под прекарот Боки-13, утрово бил повикан на информативен разговор во полициска станица. Според истакнатото, тој бил пријавен од уште еден осуденик во истиот предмет, Зоран Милевски-Кичеец. Тој настанот го пријавил во СВР Охрид, па оттаму СВР Скопје постапува по барање по повод пријава за сторени три кривични дела – загрозување на безбедноста, демнење и кривично дело лажно пријавување.

Боки-13 ги отфрлува сите наводи за понатамошно процесуирање.

-Повод е мојот статус дека лица блиски до Кичеец се обидуваат да ме замолчат. Тоа јавно го објавив. Кичеец е дел од моите кривични пријави за сторени кривични дела за кои јас имам индиции и докази дека ги сторил, но тоа ќе биде предмет на постапка пред јавен обвинител и не во оваа форма. Ова го сметам за директен притисок поради тоа што се случи вчера кога имав најавено јавен настап и интервју, кажа Јовановски пред полициската станица „Пролет“.

Според Јовановски, „од авион се гледа дека станува збор за притисок и тенденција“.

-Кога крадецот вели држете го крадецот. Заканувачот и насилникот пријавува некакво насилство. Во таа смисла мислам дека е беспредметно и исто време трошење време на полициските службеници. Стравот на Кичеец е јасен. Тоа е човек кој многу се огрешил пред законот и нанел многу злодела, а не бил санкциониран навремено, истакна Боки-13.

Тој во ноември 2023 година излезе од затвор поради лоша здравствена состојба. Иаше многу тешка операција, на која му беа извадени 90 отсто од стомакот.

За предметот „Рекет“, Јовановски беше осуден на 9 години затвор, додека пак поранешната обвинителка Катица Јанева на 7 години затвор. Јанева и Јовановски во текот на судскиот процес ја негираа вината, додека пак Кичеец ја призна вината, по што беше осуден на три години затвор.

Со торба полна пари осомничените во „Рекет“, Јовановски и Кичеец заминуваат од домот на бизнисменот Орце Камчев. Ова во 2019 година можеше да се види од видеото кое тогаш ја обиколи Македонија, а беше пласирано од италијански медиум.

Според обвинението, а сега и според пресудата, откако во ноември 2018 била отворена истрагата „Империја“ на СЈО, Јовановски со Кичеец договорил средба со Ана Камчева во неговата канцеларија во 1ТВ. Откако таа обезбедила 500 000 евра, Јанева дала предлог мерката притвор да се укине и замени со куќен притвор. Понатаму, според судот се докажало дека откако бизнисменот излегол од притвор, преговорите продолжиле и Јовановски барал 8 милиони евра во случај Врховниот суд да одлучи дека СЈО е надлежно за „Империја“.

Превземено од Локално.мк