Со првата правосилна пресуда, изречена за кое било дело, судот мора да го засмета во изречената казна затвор дотогаш одредениот притвор, односно куќниот притвор и неговото времетраење, вели во изјавата за МКД.мк академикот Владо Камбовски, професор по кривично право, за случајот со затворската казна за Миле Јанакиески во случајот Титаник.

Научното толкување на законите е важен и значаен прилог кон правилната примена на законите и во сушинска смисла влијае врз нивното толкување од страна на судовите, особено кога се работи за комплексни случаи, вели Камбовски во писмената изјава која ја пренесуваме во целост.

„Во случајот на Јанакиевски се битни две клучни околности од кое треба да се води системското и телеолошкото толкување на одредбите од Кривичниот законик за казната и засметувањето на притворот во изречената казна, во светлина на одредбите и на Законот за кривичната постапка.

Првите се однесуваат на процесниот аспект на притворот и другите облици на лишување од слобода, кои го опфаќаат секое лишување од слобода како процесна мерка за обезбедување присуство на обвинетиот во постапката. Покрај куќниот притвор, поимот на лишување од слобода ги подразбира и полициските мерки на задржување на осомничениот во полициската истрага. Притворот, како и другите облици на лишување од слобода не се поврзани со кривичното дело или дела за кои е осомничен обвинетиот. Ако е тој осомничен/обвинет за повеќе кривични дела, му се одредува една мерка на притвор, заради обезбедување на негово присуство во постапката за сите дела. Значи, не постои диференцирање на притвор за едно дело, па потоа притвор за друго, трето… за кои се води една постапка или повеќе постапки.

Вторите се однесуват на материјалниот аспект определен со одредбите од КЗ кои имаат рефлексии и врз постапката што се води против обвинетиот. Една е ситуацијата кога против обвинетиот се води кривична постапка со едно обвинение за повеќе дела, извршени во стек (еден судски предмет, еден судски совет). Во тој случај судот донесува една пресуда за сите дела сторени во стек и изречува единствена казна според правилата за одмерување на казната за дела во стек согласно чл.47 ст.1 од КЗ, според која ‘времето поминато во притвор, како и секое лишување од слобода во врска со кривично дело, се засметуваат во изречената казна затвор, малолетнички затвор и парична казна’. Во пресудата со која се изрекува казната, судот е должен во траењето на казната да го засмета и времетраењето на притворот, односно куќниот притвор, согласно чл. 404 ст.1 т.6 од Законот за кривичната постапка, според која  ‘во пресудата во која обвинетиот се огласува за виновен судот ќе изрече: ……одлука за засметување на лишување од слобода, на притвор или на веќе издржаната казна…’.

Друга е ситуацијата кога на едно лице му се суди во повеќе раздвоени  кривични постапки, оформени како различни судски предмети со подигање на повеќе обвиненија, пред различни совети и со донесување на пресуди во тие постапки. За тие случаи треба да важи правилото дека во секоја постапка при донесување на осудителна пресуда судот мора да одлучи за засметување на притворот што му бил одреден на обвинетиот, независно за кое кривично дело против него се покренати различните постапки (на пример одреден е притвор заради обезбедување негово присуство во истрагата за едно дело, но потоа истрагата е проширена и на други дела или се покренати истраги и за други дела). Во тој случај судот при донесувањето на осудителната пресуда мора да се држи за императивната норми од чл.47 ст.1 КЗ и чл.404 ст.1 т.6 од ЗКП за засметувањње на притворот, односно куќниот притвор, при изрекувањето казна затвор за посебното дело. Притоа, судот не смее да ја избегне таквата обврска поаѓајќи од сознанието дека против обвинетиот, кој е правосилно осуден, се водат други кривични постапки, кои не се завршени со правосилна судска пресуда. Во спротивен случај, судот го повредува принципот на пресумпцијата на невиност, според која никој не може да се смета за виновен сѐ додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска пресуда. Недозволено е во таа смисла и калкулирање со веќе изречени казни за други дела во првостепена постапка, затоа што тоа значи прејудицирање на конечната и прависилна судска пресуда за тие дела.

Според тоа, со првата правосилна пресуда, изречена за кое било дело, судот мора да го засмета во изречената казна затвор дотогаш одредениот притвор, односно куќниот притвор и неговото времетраење. Тоа не исклучува во следна, втора, трета итн. правосилна пресуда да се изврши натамошно засметување на времетраењето на притворот, односно куќниот притвор, во делот кој не е засметан во претходно правосилно изречена казна затвор.

Ова толкување на случајот Јанакиевски не само што одговара на духот и целта на одредбите од КЗ и ЗКП, согласно методот на телеолошко толкување, туку се потпира и врз базичниот принцип на казненото право во однос на толкувањето на законите: In dubio pro reo – секогаш кога постои двоумење треба да се одлучува, односно нивните одредби да се толкуваат во корист на обвинетиот“, се вели во изјавата на Владо Камбовски, за МКД.мк

г

И универзитетскаите професори Гордан Калајџиев и Слаѓана Тасева сметаат дека судот може и треба да ги спои притворите на Миле Јанакиески од сите предмети за да му се засметаат во казната за „Титаник“.

Нема пречка притворите на Миле Јанакиески да му се засметаат во казната за „Титаник“ изјави вчера професорот по кривично право Гордан Калајџиев. Тој посочува дека случајот со Јанакиески е комплексен бидеќи е осомничен и неправосилно осуден во повеќе постапки. Калајџиев е дециден дека не е точна тезата дека спојувањето на притворите е спротивно на законите само затоа што не е предивдено во закон.

„Нема вистинска пречка притворите од различни постапки на осудениот да му се засметаат во правосилна казна; повеќето (ограничени) правници ќе тврдат дека тоа не е предвидено во закон! Законите се пишуваат по претпоставка еден обвинет една постапка. Ако случајот е комплексен (inter alia еден обвинет 10 постапки, решенијата ги бараме во правните принципи (R. Dworkin). Принципот на правичност бара фер компензација (restitutio in integrum)“, пишува Калајџиев.

До Кривичниот суд поднесено е барање за спојување на притворите. Епилогот од одлучувањето Миле Јанакиески ќе го дочека во затворот „Идризово“ каде е веќе спроведен. И неговиот адвокат Еленко Миланов посочи дека притворот од 4,6 години може да му се засмета во казната од 3,6 години. Јанакиески при спроводот во „Идризово“, за „Макфакс“ изјави дека не се чувствува безбедно.

Превземено од МКД.мк