Новата изложбена поставка на склупторот Жарко Башески насловена како „Ecce Homo Macedonicus: Осмо Светско Чудо“ утревечер ќе биде отворена во Научниот уметнички центар „Куќата на Уранија“ на МАНУ во Охрид.
Изложбата што ќе трае до 27 август вклучува десетина веќе познати дела на авторот, но и презентација на сосема нов концептуален проект, грандиозен објект во големи димензии, изработен од бронза и челик.
Станува збор за идеја развивана заедно со амбасадорот Јордан Плевнеш, авторот на најкраткиот роман во светската историја „Осмото светско чудо“, колевка на цивилизацијата.
-Проектот „Ecce Homo Macedonicus: Осмо Светско Чудо“, во основа ја претставува формата на веќе добро познатата скулптура „Ordinary Man“ на Башески, но овојпат во поинаков материјал. Изборот на материјали за изградба на овој проект, како и конкретната форма на „Ordinary man“, тесно се поврзува со концептот на авторот, истакнуваат од организацискиот тим.
Концептуалниот проект „осмо светско чудо“ како идеја предвидува поставување огромна бронзена скулптура на планината Галичица, на местото од каде се гледаат двете езера – Охридското и Преспанското.