Иран соопшти дека „линијата на Хасан Насрала ќе продолжи“, и покрај убиството на лидерот на либанската група Хезболах во израелскиот напад врз нејзиното седиште во јужните предградија на Бејрут.

Палестинското исламистичко движење „Хамас“ соопшти дека „атентатот само ќе го зајакне отпорот кон Израел“.

„Величествената линија на водачот на отпорот, Хасан Насрала, ќе продолжи, а неговата света цел ќе биде постигната со ослободување на Ерусалим, ако даде Бог“, напиша портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи Насер Канани на платформата на социјалната мрежа Икс.

„Хамас“ соопшти дека го оплакува Насрала, откако тој беше убиен во израелски воздушен напад, велејќи дека неговата смрт само ќе ја поттикне борбата против Израел.

„Злосторствата и атентатите на (израелската) окупација само ќе ја зголемат одлучноста и упорноста на отпорот во Палестина и Либан да ги продолжи со сета своја сила, храброст и гордост чекорите на мачениците и да го следи патот на отпорот до победа и отфрлање на окупацијата“, порачува „Хамас“ во соопштението.