Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) изрекоа мерка за спроведување на повторна дезинфекција, а ќе бидат земени и нови контролни брисеви од кујната каде се подготвувала храна која се послужувала во мензата на Воена академија касарна Гоце Делчев – Аеродром Скопје, од каде деновиве беше пријавен сомнеж за труење со храна.
-Изречената мерка по спроведениот вонреден инспекциски надзор за времено затворање на кујната ќе остане на сила се додека со новите лабораториски тестирања не се потврди нејзината безбедност, соопштија од АХВ.
Од АХВ посочуваат дека од Центарот за јавно здравје ги добиле резултатите од лабораториските тестирања на земените мостри храна и брисевите од кујната каде се подготвувала храна која се послужувала во мензата на Воената академија.
-Кај испитаните мостри храна (филета ослиќ, тартар сос, компир, индијанка, домат, свинско печено месо, динстан ориз и динстана зелка), не се утврдени отстапувања во однос на безбедносните критериуми. Кај еден брис, од земени два од работна маса, по спроведената микробиолошка анализа, утврдено е дека брисот не ги задоволува хигиенските стандарди, односно, утврдено е присуство на аеробни мезофилни бактерии. Лабораториски тестирани се и земени два бриса од раце и по еден брис од машина за сечење зеленчук, пластична корпа за измиен зеленчук, прецизираат од АХВ.