Демонстрантите кои сакаат израелската Влада да постигне договор за ослободување на заложниците со Хамас денеска ги блокираа улиците и пристигнаа пред домовите на владините министри. Протестите започнаа во 6:29 часот по локално време, кога на 7 октомври започна крвавата кампања на Хамас против Израел, при што загинаа 1.200 луѓе, а беа киднапирани уште 250.
Демонстрантите ги блокираа патиштата на најголемите крстосници во државата. Тие накратко запалија гуми на главниот пат што ги поврзува Тел Авив и Ерусалим, пред полицијата да ги растера.
Во последните неколку дена се засилени обидите за постигнување договор меѓу Хамас и Израел за ослободување на заложниците.
Официјални лица изразија оптимизам за резултатите од овие преговори, но и предупредија дека се уште има несогласувања меѓу двете страни.
Здравствените власти во Газа објавија дека повеќе од 38 илјади луѓе загинале во израелската офанзива против палестинската енклава.
Помали групи опремени со мегафони и транспаренти протестираа пред домовите на голем број министри и коалициски претставници. „Тотален неуспех!“ извика еден од нив пред куќата на министерот за стратешки прашања Рон Дермер, член на потесното опкружување на премиерот Бенјамин Нетанјаху.
Во кибуцот Ор Ханер, лоциран во близина на Газа, демонстрантите врзаа црн балон за секој убиен во нападот и жолт балон за секој заложник што сè уште се наоѓа во Појасот.