Холандија ќе го зголемува буџетот за одбрана за 2,4 милијарди евра (2,7 милијарди долари) годишно на 24 милијарди евра до 2028 година, соопшти денеска министерот за одбрана Рубен Брекелманс.
Зголемените средства ќе бидат искористени за купување нови тенкови, авиони и бродови и ќе резултираат со исполнување на целта на НАТО за одбрана да се троши најмалку два отсто од бруто домашниот производ, рече тој.
– Дополнителните пари имаат за цел да го забрзаат зајакнувањето на вооружените сили и поради оваа причина ќе инвестираме околу 1,5 милијарди евра во нашата борбена сила, рече Брекелманс.
– Најдобар начин да се спречи војна е да се држат под контрола потенцијалните противници. За ова се потребни веродостојни, моќни и иновативни вооружени сили, додаде Брекелманс.
Покрај дополнителните борбени авиони Ф-35 и фрегати за противподморнички операции, треба да се создаде нов тенковски баталјон.
Холандија ги интегрираше своите последни тенкови во заеднички баталјон со Германија кој е стациониран во Германија од 2011 година. Според овој аранжман, земјата изнајмува 18 тенкови Леопард-2А6 од Германија.
Сега се очекува да се купат околу 50 нови тенкови Леопард-2А8, јави ДПА.