Либанската група Хезболах денеска потврди дека нејзиниот лидер Саид Хасан Насрала е убиен и најави дека ќе продолжи да се бори против Израел.

Во соопштението се наведува дека Насрала „се приклучил на своите маченички браќа“, пренесуваат светските агенции. Во соопштението, Хезболах наведува дека „ќе ја продолжи светата војна против непријателот, а во знак на поддршка за Палестинците“.

Откако Хезболах ја потврди смртта на Насрала, либанската телевизија Ал-Манар почна да емитува стихови од Куранот.

Израелските одбранбени сили претходно денеска објавија дека лидерот на Хезболах, Хасан Насрала е убиен во вчерашниот напад врз командниот центар на движењето во јужните предградија на Бејрут.

Генералниот секретар на милитантното либанско движење Хезболах, Хасан Насрала, многумина го сметаа за најмоќниот поединец во Либан кој имаше на располагање 100.000 борци. Тој беше секретар на Хезболах од 1992 година.