Министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија, Петер Сијарто, попладнево допатува во посета на Тирана, што се случува по неполни шест месеци по посетата на неговиот албански колега, Игли Хасани, на Будимпешта.
На заедничката прес конференција, шефовите на дипломатиите на двете земји посочија дека „приоритет на унгарското претседателство со Советот на ЕУ е интеграцијата на Западен Балкан“.
-Ја искористив можноста уште еднаш да му честитам за преземањето на претседавањето со ЕУ во втората половина од оваа година. Добра работа и успех во остварувањето на целите кои следното унгарско претседателство ги дефинира како свои приоритети. Унгарското претседателство со Советот на ЕУ како приоритет ја има интеграцијата на Западен Балкан, рече домаќинот Хасани.
Во овој контекст, Хасани ја оцени стратешката визија на Унгарија за регионот како плодна за забрзување на процесот на интеграција.
Од своја страна Сијарто изјави дека „Албанија ги исполнила сите барања поврзани со процесот за членство и сметаме дека таа целосно заслужува да го започне процесот за членство во Европската унија“.
Тој додаде дека „комерцијалниот капацитет на Европа неодамна падна и Унгарија смета дека најдобриот лек за оваа болест што Европа ја доживува во последно време е токму експанзијата, вклучувајќи ги и земјите од Западен Балкан“.
На Европа и се потребни нови енергии, нов поттик, обнова и тоа се работи за кои мислиме дека можат да дојдат само преку Западен Балкан. Ние Унгарците, живееме во близина на Западен Балкан, ние сме ваши соседи и секако во наш интерес е мирот, развојот и стабилноста да бидат карактеристични за Западен Балкан. Сметаме дека проширувањето на Западен Балкан би било совршено средство за постигнување на оваа цел, но денес не е претерување да се каже дека на ЕУ и се потребни земјите од Западен Балкан повеќе отколку обратно, изјави тој.
Додаде дека поради оваа причина, Унгарија е еден од најжестоките поддржувачи на проширувањето на ЕУ и токму „една од нашите цели е да имаме достигнувања на ова поле и да го започнеме процесот на проширување“.
-Во однос на нашето претседавање со Европската Унија, како што знаете многу добро, не е нешто што ги радува сите земји-членки на ЕУ, бидејќи доживуваме некои ситуации кога самата Европа мора да се соочи со предизвиците, за што, колку што разбравме, сè уште не нашле одговор, бидејќи повеќе не би биле во ваква ситуација, посочил Сијарто, објави АТА.
Во рамки на напорите за унапредување на економската соработка денеска е потпишан Меморандум за разбирање меѓу Албанската агенција за развој на инвестиции и унгарската агенција за промоција на извозот.