Висок неименуван претставник на Хамас изјави дека палестинската организација одлучила да се повлече од преговорите за прекин на огнот во Појасот Газа.
– Лидерот на политичкото крило на Хамас, Исмаил Ханија, во серија повици ги информираше посредниците и регионалните актери за одлуката на Хамас да ги прекине преговорите поради несериозноста на окупаторот (Израел) и масакрот на невооружените цивили, истакна неименуваниот претставник.
Во меѓувреме, лидерот на военото крило на Хамас, Мухамед Деиф изјави дека добро се чувствува и покрај израелските напори да го убијат во воздушен напад.
Израелската армија вчера изврши голем напад, кој вклучуваше повеќекратни последователни напади врз упориштето на Хамас во јужниот дел на Газа, во обид да го убие Деиф.
Министерството за здравство во Газа објави дека најмалку 90 лица загинале во израелскиот напад врз Кан Јунис, додека речиси 300 се повредени.
Израел објави дека воениот командант на Хамас, Деиф бил цел на нападот. Меѓутоа, Хамас го отфрли тврдењето дека Деиф бил во областа.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека „сè уште не е апсолутно сигурно“ дека Деиф и вториот човек на Хамас, Рафа Салам, се убиени.
Деиф и Јахја Синвар, се главните архитекти на нападот на 7 октомври во кој загинаа околу 1.200 луѓе во јужен Израел и ја поттикна војната меѓу Израел и Хамас. Деиф долго време е на врвот на листата на најбарани во Израел и се претпоставува дека ги избегнал повеќето обиди за негова елиминација.