Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш го повтори својот повик за решение со две држави, додека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху уште еднаш ја отфрли идејата за суверена палестинска држава.

-Правото на палестинскиот народ да изгради сопствена држава мора да биде признаено од сите, рече Гутереш во Кампала на самитот на Движењето на неврзаните – земји кои останаа неутрални за време на Студената војна.

„Отфрлањето на решението за две држави за Израелците и Палестинците и негирањето на правото на држава на палестинскиот народ е неприфатливо“, посочи тој.

Гутереш додава дека отфрлањето на решението со две држави го продолжува конфликтот што стана глобална закана за мирот и безбедноста, придонесува за поларизација и го зајакнува екстремизмот насекаде.

Тој ги повтори повиците за итен прекин на огнот во борбите меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа.

Нетанјаху уште еднаш ја отфрли идејата за независна палестинска држава откако ќе заврши војната во Газа.

-Нема да се согласам на компромис во поглед на потполна израелска контрола врз целата област западно од Јордан – а тоа е против палестинската држава, рече израелскиот премиер синоќа, повторувајќи го својот став дека секое решение во иднина мора да ја вклучи израелската воена контрола втз целиот Западен Брег.

И САД, важниот сојузник на Израел на Блискиот Исток, исто така, се залагаат за решение со две држави.