Косовската министерка за надворешни работи Доника Грвала ја повика меѓународната заедница со „јасен јазик и цврсти позиции“ да ги осуди „пристапот, однесувањето и агресивниот и непријателски јазик“ што ги употреби претседателот на Србија, Александар Вучиќ за време на вчерашното обраќање до нацијата, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во денешниот статус на Фејсбук, Грвала вчерашната прес-конференција на Вучиќ, на која тој претстави пет мерки што ќе ги преземе неговата земја „по неодамнешните тензии“ на северот на Косово, населен со мнозинско српско население, ја нарече „театрална сцена“.
Шефицата на косовската дипломатија изјави дека Вучиќ ги користи косовските Срби за дневна политика и финансиски придобивки.
„Сега, кога е целосно свесен дека лицата кои по негова наредба биле вмешани во криминални дејствија, злосторства и насилни дејствија во Косово, повеќе не можат да играат никаква улога во јавниот и институционалниот живот на Косово, (Вучиќ) бара враќање во претходната состојба, без воопшто да каже барем една причина за напуштањето и бојкот на институциите (од страна на косовските Срби). Систематската игра на Србија со косовските Срби, притисокот до отвореното практикување насилство преку нелегални структури и криминални групи, злоупотребата и масовната кражба на средства, кои наводно биле наменети за нив, попречувањето на нивната интеграција во општеството и институциите на Косово, на Србите на север и на нивните семејства им го отежнува животот веќе со години“, напиша Гервала.
Според неа, Вучиќ преку формирањето на така нареченото специјално обвинителство се обидува да ги зголеми тензиите и да го наруши уставниот поредок на Косово.
Таа го обвини српскиот претседател дека се обидува да ги попречи интегративните процеси и нормализацијата на односите меѓу Косово и Србија и да ги задржи тензиите во регионот.
„Преку формирањето на така нареченото специјално обвинителство, целта е да се подигнат тензиите, да се наруши правниот и уставниот суверенитет на Република Косово, но пред сè да се искористи овој механизам за арбитрарен прогон, особено на српските граѓани во Косово кои не се покоруваат на власта на Вучиќ и на неговите кланови. Неговата изјава за наводно прогласување на сите косовски институции за незаконски е очајнички обид за саботирање на независноста на Косово. Целта е да се спречи нормализација на односите меѓу Република Косово и Србија, да се одржат во живот тензиите во регионот, да се спречат интегративните процеси, во целосна синхронизација со интересите на Русија. Ги повикуваме меѓународните фактори со јасен јазик и цврсти позиции да го осудат пристапот, однесувањето и агресивниот и непријателски јазик на Александер Вучиќ кон Република Косово“, напиша Гервала.
Вучиќ вчера претстави пет мерки што ќе ги преземе неговата земја „по неодамнешните тензии“ на северот на Косово. На конференцијата за новинари која траеше повеќе од еден час, Вучиќ, покрај мерките, објави и седум барања за прашањето на „проблемот на косовските Срби“.