Грција целосно ја поддржува заедничката изјава од 8 август на лидерите на САД, Египет и Катар за договор за прекин на огнот во Газа и ослободување на заложниците, соопштија од грчкото МНР преку платформата „Икс“, јави дописничката на МИА од Атина.
Од Министерството за надворешни работи на Грција апелираа наскоро да се склучи договорот што ќе биде базиран на „принципите наведени од претседателот Бајден на 31 мај 2024 година и одобрен со резолуцијата 2735 на Советот за безбедност на ОН“.
-Ова би ја поставило основата за постигнување деескалација и поттикнување на мирот во регионот, додадоа од грчкото МНР.
Во заедничката изјава, САД, Катар и Египет, во четвртокот ги повикаа Израел и палестинската милитантна група Хамас да ги продолжат преговорите за прекин на огнот во Газа и за договор за ослободување заложници на 15 август.