Денес на терен инспекторите на градот Скопје со асистенција на интервентна полиција, констатираа нови кривични дела на градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш, при креирањето нова дива депонија за што е поднесена нова кривична пријава, со која дополнително се бара одговорност за загадувањето со канцерогени материи, соопшти вечерва Град Скопје, додавајќи дека Дудуш директно го загрозува здравјето на граѓаните.

Од Градот велат дека на овие кривични пријави им претходи  пријава за дива депонија на територија на општина Шуто Оризари, која Курто Дудуш ја прави на лично свое приватно земјиште за што сам со себе во име на општината си склучил договор, а за што е фатен и за истото е изречена глоба и веќе е покрената пријава за соодветна одговорност.

„Јавноста треба да знае дека Комунална Хигиена Скопје редовно ги завршува своите активности во општина Шуто Оризари, а за она што е надлежност на градоначалникот Курто Дудуш, и контејнерите кои сам ги поставува на територијата на општината друг не може да биде одговорен. До овој момент против градоначалникот на општина Шуто Оризари Курто Дудуш поднесени се повеќе од 40 кривични пријави од кои најголем дел се однесуваат на сериозна злоупотреба на буџетски средства, исплати на пари без соодветни постапки и распишан тендер, креирање на диви депонии, загрозување на животната средина и здравјето на граѓаните“, се вели во соопштението на Град Скопје.

Понатаму се додава: Хаосот на Дудуш во Шуто Оризари настанат поради неговата неспособност и лукративни интереси, ќе го средиме за да се спречи загрозувањето на здравјето на жителите од општината, а ќе одиме до крај за целосно расчистување на случајот за Дудуш, криминогениот трујач на Скопјани да ја добие заслужената казна за делата за кои е утврдено одговорен.

Градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш, претходно денес ги повика жителите на средба в недела, во 19 часот, во спортската сала во Шуто Оризари за да дискутираат за депонијата во Шуто Оризари, непредвидливиот и недоволен јавен градски превоз, но и за честите прекини на електричната енергија.

„Депонијата во Шуто Оризари веќе долго време е проблем, но сега ситуацијата ескалира до алармантно ниво. Ѓубрето, неподносливиот мирис и загадувањето ја загрозуваат животната средина и здравјето на жителите. Многумина мислевме дека ова ќе биде нашиот најголем приоритет, но додека се справуваме со тоа, се појавија и други, исто толку сериозни проблеми“, наведува Дудуш.

Меѓу проблемите тој го споменува и јавниот превоз за кој вели дека сега е непредвидлив и недоволен.