Јавното обвинителство упатува отворен повик до сите што имаат лични сведоштва за несреќата, информации и докази во однос на работата на клубот „Пулс“ од Кочани и поврзаните фирми, како и сознанија во врска со работата на институциите надлежни да постапуваат, да ги споделат со истрагата.

Имајќи ги предвид законските рокови и потребата од ефикасност на постапката, на веб-страницата на Јавното обвинителство (www.jorm.gov.mk) e објавен формулар со чие пополнување тие може да се пријават за да достават податоци и информации, кои сметаат дека се релевантни за истрагата. Пополнетиот формулар потребно е да се испрати електронски на следната наменска адреса: [email protected]

Врз основа на формуларот и релевантноста на податоците на подносителите ќе им се јават од истражниот тим.

Обвинителството информира и дека обвинителскиот тим, кој постапува во предметот во врска со пожарот во дискотеката „Пулс“, продолжува интензивно да презема дејства на распити и вештачења, од кои најголем дел од прелиминарните резултати се очекува во следните неколку дена.

Во истрагата се ангажирани максимални капацитети од сите истражни органи и се вклучени десетици стручни лица од разни области.