ВМРО-ДПМНЕ е партија која што функцијата Претседател на државата ја деградира и смета дека истата може да ја извршува единствено нечиј партиски послушник, велат од кабинетот на Стево Пендаровски.

Во соопштението се вели:

Затоа на овие избори наместо со професионална, натпартиска личност како што најавуваше, ВМРО-ДПМНЕ излегува со докажан партиски кадар како Гордана Силјановска Давкова, актуелна пратеничка во Собранието каде ревносно ги брани ставовите на партијата.

Силјановска Давкова не е ново лице на македонската политичка сцена, нејзиното политичко профилирање е уште во далечниот период  од 1992 – 1994 година, како министерка во првата Влада на СДСМ, а не се непознати ниту нејзините политички ставови.

Силјановска Давкова беше гласен противник на Законот за употреба на јазиците и се докажа како албанофоб, а со силното противење на Договорот од Преспа и на Преговарачката рамка за влез во ЕУ, се докажа и како антиевропски политичар.

Секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ предлага вакви „натпартиски“ кадри, цената на крајот ја плаќаат граѓаните. Така беше и со Ѓорге Иванов кој ја сроза функцијата претседател на државата, така е и со Данела Арсовска која за две години направи пустош во Град Скопје.

Но, ВМРО-ДПМНЕ и нивната кандидатка треба да бидат свесни дека граѓаните нема да дозволат функцијата Претседател на државата одново да биде погазувана и понижувана, а самата држава да тргне во погрешен правец, како што тоа беше случај цели 11 години.