На територија на државата има девет активни шумски пожари и пожари на отворено, соопшти денеска преку видео обраќање директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.
Вкупно на територијата на државата ангажирани се 150 припадници на Армијата, 30-тина припадници на МВР, како и 40 припадници на ДЗС. Засега во гаснењето на пожарите, како што изјави Ангелов, дејствуваат само наши летала, односно двата „ер трактори“ на ДЗС, два хеликоптери на МВР, како и два хеликоптери на Армијата.
– За жал, од странските летала останат е само црногорскиот хеликоптер, којшто покажа некој дефект и моментално му се врши сервисирање и доколку биде успешно отстранет, тој ќе продолжи денес со дејство, рече Ангелов.
На територија на општина Чашка, над селата Габрени, Мокрени и Богомила, пожарната линија е многу долга, вели Ангелов, а утринава дејствувале еден армиски и еден полициски хеликоптер, додека од копно дејствуваат локални пожарникари, потпомогнати од 30 припадници на Армијата и тим од Национални шуми.
Во општина Чашка има пжар и на врвот Лисец, каде работат локални пожарникари со помош од 25 припадници на Армијата.
Ангелов информира дека пожарот на планината Серта се шири и дека има големо жариште над селото Пухче кое се движи во насока на селото Селце.
– Дејствуваат два „ер трактори“ на ДЗС и истите ќе дејствуват во попладневните часови. Овде имаме и еден засебен крак на планина Серта, којшто започнува некаде зад полигонот Криволак и се движи во насока на военото стрелште Пенуш и во насока на реката Брегалница. Тука имаме фокусирано повеќе лица на земја, покрај поголем број на локални пожарникари, имаме 30 припадници на полициските Тигри, десет припадници на Армијата, како и 40 припадници на ДЗС, чијашто цел е патот направен од НАТО што се движи околу полигонот Криволак да не дозволат огнот да ја премине линијата. На планината Серта имаме уште една активна точка, а тоа е под ловиштето. На сите овие места делуваат локалните пожарникари, вели Ангелов.
Активен е и пожарот меѓу селата Тажево и Брезница во општина Македонски Брод. Таму утрото бил упатен еден армиски хеликоптер, но поради густиот чад не можел да дејствува.
– Нешто подоцна повторно се упати хеликоптерот, но густиот чад не дозволи. Од копно работат 30 припадници на Армијата кои им помагаат на локалните пожарникари и на тимот од Национални шуми, информира Ангелов.
Пожар има и во атарот на селото Фариш, каде интервенираат 30 припадници од Единицата за брзо распоредување, а попладнево таму требало да се упатат двата „ер трактори“ на ДЗС, но поради појавата на жешки точки на планината Серта, наспроти селото Калањево, тие се пренасочени.
– Изби нов пожар на територија на општина Гевгелија, над селото Мрзенци, каде што попладнево ќе делуваме со „ер тракторите“ за да не дозволиме ширење на пожарот. Во текот на вчерашниот ден се појави нов пожар на местото викано Мукос, општина Чашка. Истиот е префрлен од страната на Прилеп и на тој може да се дејствува само со воздухоплови, бидејќи теренот е непристапен и да се стаса до него и да се гаси од копно потребни се 30 км пешачење по земјен пат. За овој пожар од лицето на МВР кое дежура на врвот Солунска глава, информациите се дека гори на три места и дека пожарот оди кон врвот, вели Ангелов.