Германскиот весник „Билд“ објави дека Бундесверот се подготвува за хибриден руски напад на источното крило на НАТО што би можел да се случи во февруари 2024 година, што ќе биде увертира за проширување на конфликтот.

Билд објави повикувајќи се на таен документ на Бундесверот и наведува дека, според документот, ескалација меѓу НАТО и Русија би можела да се случи веќе во февруари 2024 година. Во доверлив документ (строго доверливо – само за службена употреба), германското сојузно министерство за одбрана опишува потенцијален „пат до конфликт“ меѓу Русија и НАТО.

Акциите на Русија и на Западот се опишуваат месец за месец и би кулминирале со распоредување на стотици илјади војници на НАТО и неизбежен почеток на војна во летото 2025 година.

Билд го прикажува сценариото од документот, но се воздржува од откривање какви било информации за големината и движењето на силите на НАТО поради безбедносни причини.

Сценариото на Бундесверот, „Одбрана на Алијансата 2025“, започнува во февруари 2024 година. Русија иницира уште еден бран на мобилизација и повикува дополнителни 200.000 лица во војската.

После тоа, Кремљ започнува пролетна офанзива во Украина, потиснувајќи ја украинската армија до јуни. Рускиот прв таен, а потоа се поотворен напад на Запад започнува во јули.

Се предвидуваат сајбер напади и други форми на хибридна војна, пред се во балтичките држави. Следува конфликт, кој Русија го користи како изговор за да започне големи воени вежби на нејзина територија и во Белорусија.

Според сценариото, оваа ситуација може да ескалира во октомври доколку Русија распореди војници и ракети со среден дострел во Калининград.

Од декември 2024 година, вештачки предизвикан „граничен конфликт“ и „конфликти со бројни жртви“ се случуваат во близина на коридорот Сувалки. Во време кога САД може да останат без лидер неколку недели по изборите, Русија со поддршка на Белорусија ја повторува инвазијата на Украина од 2014 година, но на територијата на НАТО.

Во мај 2025 година, НАТО одлучува за мерките за задржување, а на Денот Д НАТО распоредува 300.000 воен персонал на источното крило, вклучително и 30.000 војници од Бундесверот. Сценариото завршува 30 дена по Денот Д. Дали НАТО ќе ја задржи Русија останува отворено прашање.