Попладнево на улиците на Берлин започна техно парадата „Rave the Planet“, со поворка предводена од диџејот д-р Моте – еден од основачите на протестните забави познати како „Паради на љубовта“, јави ДПА.
Полицијата очекува бројот на учесници на парадата да достигне 300.000.
Организаторите на „Rave the Planet“ го дефинираат настанот како демонстрација за мир, љубов и заштита на електронската музичка култура.
Во 1989 година, д-р Моте, чие вистинско име е Матијас Роинг, помогна да се создаде „Парадата на љубовта“, која стана главен годишен техно музички фестивал до 2010 година, кога се случи трагедија – 21 лице загина во стампедо предизвикано од ненадејна паника.
Д-р Моте ја организира првата парада „Rave the Planet“ во 2022 година.
Германската министерка за култура Клаудија Рот испрати аудио порака до толпата, велејќи дека „техното не е само бучава“ и дека тоа е фундаментален дел од културата на Берлин.
-Рејвот не познава потекло, ниту пол, ниту социјален статус, истакна министерката.
Организаторите на „Rave the Planet“ најавија дека на забавата ќе има околу 300 музичари кои ќе ги забавуваат луѓето од 30 платформи. Полицијата распореди речиси 1.000 униформирани службеници за да обезбеди ред и безбедност на луѓето.
Во меѓувреме, во Лајпциг, најголемиот град во покраината Саксонија, неонацистите се собраа да протестираат против геј парадата што се одржа таму. Една недела претходно, екстремно десничарски активисти демонстрираа против сличен настан во Бауцен, во источниот дел на истата провинција.