Една од мерките за намалување на вандализмот и уништувањето на урбаната опрема е вклучување на лицата во општествено одговорна работа и поправка на истите, вели градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, во вчерашното гостување во емисијата „Трилинг“ на Телевизија 24, пренесуваат од Општина Центар.
Правниците во Општината подготвуваат предлог измени на неколку законски решенија, со цел, како што вели Герасимовски, намалување или стопирање на дивјачкото однесување на детските игралишта и кршење на урбаната опрема.
– Нашите правници овој летен период во соработка со стручни лица отпочнуваат подготвување на законски измени, членови во одредени закони како што е Законот за родителство, Законот за основно и средно образование, малолетничка деликвенција. Целта ни е да се стават поголеми казни во делот на нарушувањето односно уништувањето на јавното добро. Целта ни е да преку општествена одговорна кампања да ги социјализираме младите и не само младите, туку тука да се вклучат и нивните родители. За секој оној кој ќе направи штета на било каква урбана опрема на зеленило, на осветлувањето, кое што многу често ни се случува кај детските игралишта, да преку општествена одговорна работа го санира сето тоа се со цел ресоцијализација и подигнување на свеста и кај младите и кај родителите, истакнал Герасимовски.
Герасимовски напоменал дека за решавање на проблемот со вандализмот неопходно е вклучување на родителите и сите други институции.
– Дополнително преземавме неколку иницијативи, имавме неколку средби со социолози и психолози, луѓе стручни во фелата за заедно да отпочнеме одредена кампања која што ја планираме од месец септември со самиот почеток на учебната година, каде што ќе се прават трибини, обуки и на децата и на родителите за подигнување на свеста, истакнува Герасимовски.
Општина Центар на почетокот на јули до медиумите објави видеа на кои се гледа како малолетници ја уништуваат урбаната опрема на детско игралиште во Капиштец. Видеата, како што информираше Општината, биле пристигнати од загрижени граѓани.
Од СВР Скопје информираа дека до нив има пристигнато пријави за нарушување на јавниот ред и мир и дека ќе се постапи.