Претседателот на Собранието, Африм Гаши преку социјалните мрежи се одлучи да објасни што точно мислел, кога во интервју за една косовска телевизија изјави дека Косово е негова татковина и дека постојано ги следи сите случувања таму.
Тој вели дека бил погрешно разбран, а одредени медиуми ја искривуваат неговата изјава. Гаши вели дека негова татковина е Северна Македонија, а Косово е татковина на неговите родители и поради тоа како таква ја почитува.
Во однос на прашањето за мојата татковина, свесен сум за обвинувањата и искривувањата од различни медиуми кои се обидуваат да привлечат внимание. Како претседател на Собранието на сите граѓани на Република Северна Македонија, сакам да појаснам дека Африм Гаши е роден во Скопје, каде живее и работи со своето семејство, а негова татковина е Северна Македонија.
Да појаснам и за јавноста, точната изјава во моето интервју беше дека „Косово е родно место или татковина на моите родители и јас го почитувам како такво заради нив“.
Сепак, верувам дека се разбираме доволно добро за да не бараме детални објаснувања за поимите како родно место, татковина или мајковина, бидејќи албанскиот јазик користи и сложена именка што комбинира мајка и земја.
За мене најважно е преку нашите постапки да покажеме како ја гледаме нашата земја, која е нашата посветеност кон неа, кои се нашите придонеси и да правиме разлика меѓу оние кои ја градат и збогатуваат и оние кои ја уништуваат и крадат таа. Од тврдењата и изјавите за патриотизам граѓаните немаат никаква корист, а ние не сме тука да се натпреваруваме кој е по патриот. Јас не уживам во такви дебати и ова е мојата конечна изјава за оваа тема.