Денес во седиштето на Европскиот парламент во Брисел, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, се сретна со претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола. На оваа функција Мецола беше реизбрана со големо мнозинство на гласови по конституирањето на новиот состав на Европскиот парламент во јуни оваа година.
Гаши се заблагодари за силната поддршка на европската перспектива на нашата земја која во континуитет ја дава Европскиот парламент и особено претседателката Мецола и изрази очекување таа да продолжи сѐ до полноправното членство на земјата во ЕУ.
Двајцата соговорници се согласија дека граѓаните на Република Северна Македонија очекуваат големи поместувања бидејќи беа направени навистина отстапки од наша страна кои доведоа до членство во НАТО, но не и до започнување на Меѓувладина конференција со ЕУ.
Претседателката Мецола најави посета на регионот на Западен Балкан за почетокот на следната година и се заложи и за конкретни активности на економски план, на градење на инфраструктурата, укинувањето на роамингот, но и поконкретни исчекори за РС Македонија преку Програмата за демократска поддршка, насочена првенствено за парламентот. Главни столбови на оваа Програма ќе бидат законодавството и транспарентноста, кои би се одвивале преку студиски посети и тренинзи за медијација, за што претседателот Гаши ја изрази својата поддршка и подготвеност да создаде потребни предуслови за нејзина реализација.
Двајцата претседатели се согласија за големиот бенефит на земјата и граѓаните за јасната визија која ЕУ ја има во процесот на евроинтергацијата, но и за јасните пораки кои треба ЕУ да ги испорача и застане зад нив, а земјата да го задржи фокусот кон евроинтегративниот пат со сочувано достоинство и задоволни граѓани, независно од нивното етничко потекло.