Идниот мандатар мора најпрво да разговора со нас, за државата е најдобро во новата влада да има и претставник на Албанците, а ќе направиме се да се убедиме заедно со идниот партнер да влеземе во процес на уставни измени, вели во интервју за МИА Африм Гаши, претседател на политичката партија Алтернатива и носител на кандидатската листа на коалицијата „Вреди“ во Втората изборна единица за претстојните парламентарни избори.

Во коментар на резултатите од првиот изборен круг од претседателските избори според кои нивниот кандидат Арбен Таравари освои 83.393 или 9,20 отсто, а во Гостивар 75 гласови повеќе од Бујар Османи од Европскиот фронт на владејачката ДУИ, кој, пак, освои 121.088 гласови или 13,37 отсто, вели дека Албанците долго време немаат култура за поголемо излегување на претседателски избори.

Гаши објаснува дека има голема разлика во културата за гласање на претседателски, локални и на парламентарни избори, а како пример го наведува случајот со различниот број на гласови што ги доби Имер Селмани во 2009 година како претседателски кандидат и како лидер на партија на тогашните двојни претседателски и локални избори.

-Ќе ви дадам најпластичен пример од 2009 година кога истовремено имаше претседателски и локални избори, на истиот ден Имер Селмани, кој беше претседателски кандидат истовремено беше и претседател на Нова демократија. Како претседателски кандидат на тој ден на изборите освои 150 000 гласа, а како партија околу 50 000 гласа. Различно гласаат луѓето за разни избори. Вториот аргумент е тоа што затоа што не е веројатно дека Албанец ќе стане претседател во непосредни избори. Албанците долго време немаат култура на поголемо излегување на претседателски избори. Многу е битно дека на парламентарни избори кога ќе има поголема излезеност ќе се покаже таа волја. Додека сите гласачи на ДУИ кои тие ги контролираат клиентелистички, најголемиот број ги поткупуваат, или им се закануваат,  нашите гласачи по своја волја или излегуваат или не излегуваат на гласање. Нашата перцепција е дека на 8 мај ќе биде поголема излезеноста и ќе видите дека ќе има голема разлика и во Тетово и во Гостивар, Чаир и во сите градови, вели Гаши.

И тој ја демантира информацијата за средба на Таравари со лидерот на ДУИ Али Ахмети. Таквата објава излегла, како што вели, затоа што максимата на Ахмети била раздели и владеј, но и за да создаде недоверба меѓу коалициските партнери.