Повеќе од 1 300 фински музичари потпишале петиција со која се повикува да се исклучи Израел од учество на Изборот за песна на Евровизија, што треба да се одржи во Малме во мај 2024 година.

Причините кои финските музичари ги навеле се воените дејствија што Израел ги прави во Газа, пренесува Би-би-си.

Доколку Израел не биде исклучен од натпреварот, тие бараат од јавниот сервис да ја повлече апликацијата на Финска за најголемиот европски музички натпревар, чиј домаќин годинава ќе биде Шведска.

Минатиот месец, исландските музичари поставија слични барања до радиодифузерот Рув.

Лукас Корпелаинен, еден од иницијаторите на петицијата, изјави дека не е прифатливо Израел да „учествува на Евровизија за да го подобри својот имиџ“.

Меѓу потписниците има музичари кои ја претставуваа Финска на претходните натпревари за песна на Евровизија.

Тие обвинуваат за двојни стандарди, велејќи дека радиодифузерот бил меѓу првите кои побарале Русија да биде забранета од натпреварот во 2022 година.