Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, денеска се сретна со новоименуваниот амбасадор на Француската Република, Кристоф Ле Риголер, на која, како што информираат од СДСМ, Филипче, го информирал амбасадорот за актулените и идните политики на партијата, како и за започнатите реформски процеси за зајакнување на партијата како единствена европски оринетирана социјалдемократска партија.
Воедно на средбата се разговарало за процесот за евроинтеграција на државата, при што претседателот Филипче посочи дека додека Владата ја предводеше СДСМ, се вложи сиот политички капацитет на полето на добрососедските односи и забрзување на евроинтеграцискиот процес. При тоа напомена дека загрижува моменталната политика на актуелната власт во делот на евроинтеграциите.
-Актуелната власт сè уште не претстави јасна стратегија или конкретни чекори за продолжување на евроинтеграциите, и тоа загрижува. СДСМ, пак, демонстрира јасна визија за европски напредок и останува цврсто посветена на патот кон ЕУ, со акцент на исполнувањето на преговарачката рамка и клучните реформи, рече Филипче, стои во соопштението.
На средбата Филипче и Ле Риголер, разговарале и за досегашните билатерални односи како и за можноста за продлабочување на соработката помеѓу Северна Македонија и Франција.