Словачкиот премиер Роберт Фицо денеска изјави дека гледа сличности меѓу обидот за атентат врз поранешниот американски претседател Доналд Трамп и нападот што беше извршен врз него пред два месеца, пренесува Бета.
– Се чини дека сценариото е копирано, рече Фицо.
Тој беше погоден со четири куршуми испукани од непосредна близина по состанокот на владата во централна Словачка на 15 мај. Беше хоспитализиран и неколкупати опериран, но успеа да се опорави и да се врати на премиерската работа минатата недела.
Фицо ја обвини словачката опозиција дека поттикнува омраза кон него.
– Доколку напаѓачот на Доналд Трамп зборуваше словачки, ќе требаше само да ги прочита (локалните) весници Деник Н, Сме или Актуалити за да добие желба да ги реши работите. Политичките противници на Трамп се обидуваат да го замолчат и кога не успеваат, ја нервираат јавноста толку многу што некој бедник се фаќа за пиштол, рече Фицо.