Европската комисија денеска треба да гo усвои пакетот за проширување со извештаите за напредокот на кандидатите за членство во ЕУ за 2023 година, јави дописникот на МИА од Брисел. По нивното усвојување на седницата на Колеџот на комесари, извештаите за напредокот за секоја од земјите кандидати ќе бидат јавно презентирани од страна на ЕК.
Пакетот ги опфаќа шесте земји од Западен Балкан – Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора, потоа Грузија, Молдавија, Украина, како и Турција, која што се уште официјално има статус на држава кандидат за членство.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи во пресерт на објавувањето на извештаите во понеделникот изјави дека очекува документот за земјава да биде објективен и во него да има признание за постигнатото, но и критика за сите слабости.
– Очекувам објективен извештај. Европската комисија обично е објективна во своите проценки. Мислам дека ќе има и пофалби во однос на постигнувањата, а се разбира ќе има и критики во однос на одредени слабости што ги има државата, изјави Османи во одговор на новинарско прашање за тоа каков извештај очекува од ЕК.
Според него, државата прави напори да ги почне преговорите по поглавја за да може да ги адресира слабостите кои постојат.
– Ние сите сме свесни дека државата денес не е спремна за членство во ЕУ, но е спремна за отворање на поглавјата за да ги адресира токму тие слабости коишто очекувам да ги констатира ЕК во извештајот, додаде Османи.
Претседателката на Еврокомисијата, Урсула фон дер Лајен при минатонеделната посета на Скопје, во рамки на турнејата низ земјите од Западен Балкан, рече дека колку е подобар процесот на реформи, толку побрзо ќе дојде можноста за пристапување на државата во ЕУ.
– Постои прозорец на можности што сега е отворен. Процесот не е толку строг и се заснова на заслуги и никој не мора да чека одреден датум, изјави Фон дер Лајен, додавајќи дека ЕУ сака да и се приклучат земјите од Западниот Балкан, но дека за тој процес е потребно да се подготват и Унијата и кандидатите за членство.
Таа истакна дека земјава е на добар пат да се приклучи кон на ЕУ и дека со нетпрение очекува да ја пречека како полноправна членка.
Европскиот комесар за проширување и соседска политика Оливер Вархеји вчера во обраќањето на Годишната конференција на амбасадорите на ЕУ во Брисел порача дека Унијата на кандидатите за членство мора да им понуди кредибилен пристапен пат, кој ќе донесе резултати во реформскиот процес и ќе го намали економскиот јаз.