Одвојувањето на Албанија од Северна Македонија на патот кон ЕУ не е изненадување за експертите кои ја следат проблематиката, но она што земјава мора да го направи, велат, е да се соочи со проблемот и низ поразумен дијалог во добра волја со Софија да се дојде до решение кое ќе го ќе овозможи продолжување на евроинтеграцијата.
Професорот Ненад Марковиќ од Катедрата за политички науки при Правниот Факултет „Јустинијан Први” при УКИМ смета дека со одлуката во Брисел да се одвои Тирана од Скопје во однос на евроинтегративниот процес, земјава е доведена во неблагодарна позиција на некакво статус – кво, од кое може да излезе само преку соочување со проблемот и при тоа укажа на искуството со проблемот со името со Грција, како и на тоа дека патот на процесот е зацртан во преговарачката рамка, која вели, нема да се менува.
– Се наоѓаме во една ситуација помеѓу она што не сакаме да го направиме и она што мораме да го направиме и ова не ни е прв пат. Така што повторно можеме да избереме два правци на движење на надворешната политика – или да се фатиме во костец, да ги смириме тоновите со Бугарија и пробаме порационално да разгобвараме од обете страни. Гледаме дека одговорот од другата страна како да беше едвај дочекан за да се ескалираат работите. Мислам дека тоа идентитетско наддавање од обете страни нема да даде некаков голем резултат, туку само го продлабочува конфликтот и не води никаде. Тоа значи Софија малку да ги смири тоновите, но и ние и да пробаме да најдеме некакво решение, а второто едноставно да го игнорираме проблемот кој со време, веројатно ќе метастазира и ќе станува поголем. Се надевавме со Грција дека проблемот ќе се намалува, видовме дека времето не работи за нас. Немојте, навистина немојте да ја повториме истата грешка, времето не работи за нас во никој случај, вели Марковиќ во изјава за медиумите пред панел дискусијата на тема “Европската иднина на регионот и надворешните државни актери” во Скопје.
Според него, добро е што Албанија ги почнува преговорите, и не треба да бидеме завидливи ниту зајадливи, туку на соседот да му посакаме мирен и лесен пат, да ја повлечат и земјава во таа група. Но, тоа, како што посочува, ќе се случи само откако ќе се соочиме со овој проблем, кој е многу емотивен, а политичките елити не сакаат да ризикуваат, поради високата цена, посебно ако во кампања сте ветиле дека нема тоа да го правите.
Смета дека може да дојде до попуштање на тензиите меѓу двете страни, после одреден латентен период на примирје од два три месеци, кога привремено би се прекинала комуникацијата, да се дозволи „двете страни да се средат“, за потоа да почнат порационална комуникација. Таа, додава тој, треба да им се остави на оние кои се надлежни за дипломатијата -ресорниот министер, премиерот и шефицата на државата, а во тој период би се изградил и внатрешен политички консензус.
-Ниедна политичка кариера не трае вечно, ризикуваме за да добиеме на крајот нешто, и не без тоа да утврдиме до каде можеме да одиме во работите. Јас го разбирам стравот и на СДС, и на ВМРО-ДПМНЕ, на ДУИ, на Влен, на сите партии. Не е проблемот со бугарското малцинство туку што ако настанат консеквентни барања после тоа. И ако вие попуштите за една работа, и веднаш добиете второ барање, вашиот политички рејтинг веројатно е уништетн преку ноќ. Тоа и се случи на претходната влада, и оваа веројатно не сака тоа да го повтори, и тоа е она што не хендикепира, но ризикот ќе мора да биде преземент и да направиме некаква стартегија каде понатаму, вели Марковиќ посочувајќи дека никој па ниту од меѓународната зедница, не може да ни гарантира дека нема да има нови барања.
Ана Крстиновска од Здружението за развој на стратегии, истражување, едукација и промоција на меѓународни вредности – ЕСТИМА, пак, смета дека раздвојувањето меѓу нашата земја и Албанија било извесно веќе неколку недели и не е изненадување, за оние кои дневно ги следат овие процеси, но вели тоа не треба да влијание за пораст на евроскептицизмот во државата.
-Искрено не мислам дека тоа треба да го сватиме како крај на светот, и да дозволиме да влија врз подигнувањето на евроскпетицизмот, затоа што Албанија сега ги почнува преговорите. Гледаме дека држави кои ги започнале преговорите пред повеќе од 10 години како Србија и Црна Гора се уште се далеку од тоа да станат држави членки на ЕУ. Тоа значи дека доколку постои добра волја и во Скопје и во Софија да се направат некои итни решавачки чекори, да се воспостават повторно добрите односи, да се надминат отворените прашања, ние можеме да го надоместиме ова заостанува, тероретски што ќе го имаме во поглед на Албанија формално, и со забрзување на усогласувањето со европското АКИ да фатиме чекор дури и да напредуваме побрзо од некои држави кои ги почнале пристапните преговори порано од нас, вели Крстиновска.
Официјалниот претставник на Фондацијата Конрад Аденауер, Даниел Браун исто така наведува дека одвојувањето на двете земји на патот кон ЕУ, не е изненадување, со оглед дека пред државава на маса се одредени работи како уставните измени кои треба да се спроведат и ги разбира, вели, фрустрациите кај граѓаните од таквата одлука. Сепак, додава дека не треба да се очекува дека ЕУ може да даде писмена гаранција дека во иднина не се можни нови барања од кој било друг ЕУ-парламент.
-Не можеме да очекуваме дека ЕУ би направила какви било прилагодувања или документ за да се спречи понатамошното влијание кое што го има Бугарија. Во иднина Македонија може да преземе иницијативи за да се регулираат одредени аспекти во однос на јазикот и историјата, но сепак не постои можност да се гарантира било што од ЕУ во однос на приемот, вели Браун.
Претставникот од Центарот за Европски студии „Вилфрид Мартен“, Гавин Синот, оценува дека евроинтеграцијата е клучна за јкакнење на стабилноста и соработката во регионот, и како институција и како ЕПП, сметаат дека динамиката на интеграцијата ќе зависи од новата Европска комисија која наскоро треба да се формира.
Тема на панел дискусија организирана во рамки на официјалното отварање на Регионалната школа за безбедност 2024, која КАС и Филозофскиот факултет-Скопје, ја организираат со поддршка на сестринската фондација Вилфрид Мартенс – Центарот за Европски студии од Брисел е да поттикне дијалог за безбедносни прашања за регионот и пошироко.
Иницијативата има за цел да поттикне соработка и пријателство помеѓу земјите од регионот, нудејќи платформа која на едно место обединува студенти и млади професионалци, како и експерти и претставници од академската сфера од три соседни земји, односно Северна Македонија, Бугарија и Србија, со цел дискусија и размена на искуства на теми кои се од заеднички интерес, како што се прашањата за регионалните безбедносни предизвици и регионалната соработка на ова поле.