Пишува: Биљана Секуловска

Си велите- најлесно е да се мразиме, ние Македонците, вие Албанците. Ние Албанците, вие Македонците. Најтешко е, друже чаирски, најтешко е, друже дромски, тоа е најтешкиот, најопасниот избор.
Да ни ги палите знамињата, да ви ги газиме симболите. Да си плукаме на гробовите, да се колнеме и проколнуваме. Да живееме поделени, да се нарекуваме со погрдни имиња, да се презираме.
Да слушаат цел живот- “Шиптари во гасни комори”, како скандираат фашистите од нашите редови. Да ве нарекуваме Шиптари, иако со децении велите- не сакаме тоа име да го употребувате за нас. Сеедно како ние меѓу нас се нарекуваме, имаме право да бараме од вас да нѐ нарекувате Албанци.

Мили комшии и пријатели Албанци, драги пријатели и комшии Македонци. Не може ли вандалите во нашите редови да ги изолираме? Но, потоа да разговараме со нив. Сите ние, Македонци, Албанци. Да ги прашаме- зошто го палите нашето знаме? Зошто не ја чувствувате оваа земја како своја? Зошто скандирате- “Шиптари во гасни комори”? Зошто сме поделени? Зошто се мразиме?

Зошто албанските партии не разговараат со нас Албанците, со нас Македонците? Зошто македонските партии не седнат да разговараат со нас Македонците, со нас Албанците? Зошто не проговориме за тоа што нѐ тишти и пече? За тие високи цели се избрани лидерите, интелектуалците, македонските, албанските, не да се сакаат само кога си ги делат тендерите, провизиите, кога не познаваат боја на парите од корупција и криминал.

Драги браќа, мили комшии, почитувани пријатели, Албанци, Македонци. Да се погледнеме преку стаклото на шољата кафе кога ќе ја пиеме заеднички, да наздравиме седнати скрснозе за почитта и љубовта за која сме создадени, затоа и сме дојдени на овој свет. Да им кажеме доста на времињата на стиснати очи, кога се меркаме преку нишанот, кога ги копаме рововите и се пикаме во засолништа, преплашени и збеснати од омразата.

Заедно живееме, зарем не е тоа најдоброто што ни се случило?