Од 138 контроли за вршење превоз на патници и стоки кои во претходните три дена ги направиле инспектори за патен сообраќај, неправилности се утврдени кај 21 правно и физичко лице и им се изречени соодветни казни. Меѓу казнетите е и компанијата Дурмо турс во чиј автобус на 13 февруари 2019 загинаа 14 лица. Но и покрај тешката сообраќајка со многу жртви, оваа компанија пак работи без соодветната документација.
Министерство за транспорт –Државен инспекторат за транспорт денеска информира дека инспекциските надзори биле спроведени согласно нивниот Акциски план и дека за утврдените неправилности ќе бидат информирани Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство, со цел нивно натамошно постапување.
Инспекторатот ги соопшти 11-те правни лица за кои е констатирана неправилност и за кои се изречени казни: Дурмо турс од Гостивар, Дени интернационал од Илинден, Свис мак алигега од Гостивар, Зем промет – компани од Сарај, Словин Билјана од Охрид, Бис од Охрид, Пештер ДОО од Чаир, Димитриоски од Гази Баба, Хисари-ГД од Дебар, Инком бизнис од Куманово и Палас експорт-импорт од Гостивар.
Покрај овие 11 правни лица, биле констатирани и неправилности кај 10 физички лица кои вршат дејности за превоз на патници и стока.
Министерство за транспорт – Државен инспекторат за транспорт информира дека согласно донесениот Акциски план за инспекциски надзори при превоз на патници и стока, од утре инспектори ќе спроведуваат секојдневни интензивни инспекциски контроли над превоз на патници и стока, проверка на документи (лиценци, изводи од лиценци, дозволи, сертификати за професионална компетентност на возач, тахографи), надзор на безбедноста во сообраќајот и спречување нелегален превоз.