Вчерашната изјава на премиерот јасно го откри неговиот план за деградирање на службениот статус на албанскиот јазик, враќајќи една застарена и неприфатлива формула, како што беше во Законот од 2008 година, каде албанскиот јазик се користеше само на барање на Албанците и преку пополнување на посебни формулари, велат од ДУИ.

Ова, според ДУИ, е отворен обид за укинување на албанскиот јазик загарантиран со Уставот и со Законот за употреба на јазиците од 2018 година, кој го постави албанскиот јазик како службен во сите централни институции.

„Сега е јасно дека владата не ја признава оваа реалност и се подготвува да го укине овој закон преку Уставниот суд.

За ДУИ, ова е неприфатлив потег, и нема да дозволиме албанскиот јазик да биде сведен на секундарен статус или да биде условен од бирократија или политичка волја на поединци. Ќе ги искористиме сите политички, правни и демократски средства за да се спротивставиме на овој регресивен чекор и да го одбраниме статусот на албанскиот јазик.

Ги повикуваме сите Албанци да бидат свесни за опасноста што му се заканува на албанскиот јазик и да останат обединети против овој обид за деградирање на правно политичкиот статус на Албанците“ порачаа од ДУИ.