СЕФЕР ТАХИРИ

Специјално за ЦИВИЛ МЕДИА

Големо изненадување и „чудесија“ за голем број на граѓани, меѓу кои и голем број интелектуалци и новинари биле настаните во М-НАВ.

Драги сограѓани, М-НАВ всушност е Македонија (Северна) во мало!

Партиската арогантност континуирано е присутна во сите сфери, а синдикатите сакаат да се задушуваат. Еве, со последните случувања во М-НАВ се докажа партизираноста и на небото. Директорите на М-НАВ, кои го контролираат воздушниот простор, не е никаква новост, дека со партиски клуч се именуваaт од владата. Точно е, јавна тајна е, дека заради мир во куќата (власта) во М-НАВ големо влијание има ДУИ. Се виде и по смената на директорите. На местото на Фарко Хамиди дојде стручна личност, но и партиски кадар на ДУИ, Хекуран Асани.

А вработувањата од сите партии, и порано во времето на ВМРО-ДПМНЕ и ДПА, да не се направени со друг клуч? Се виде и од објавувањето на списоците на вработените блиски до високи функционери на ДУИ и СДСМ, а веројатно има и блиски до ВМРО-ДПМНЕ, но и до Алијанса на Албанците или поранешни активисти на ДПА.

Додека партизираноста е до небо, една колешка би рекла дека „државата е приземјена“.

Партитократијата одамна е супститут за демократијата, бидејќи со државата сите овие триесет и две години плурализам не владее народот, туку партиските кланови. Воспоставувањето на целосната демократија не се успеа ни по „Шарената револуција“. За жал! Иако, да бидеме објективни, има мали поместувања, споредбено со режимот на Груевски. Секако, не во размери, на кои се надевавме или поточно посакувавме.

Во држава, во која кривично досега никој не одговарал за случајот на пожарот во модуларната болница во Тетово, како и за трагедијата со Дурмо Турс и Беса Транс, неказнивоста стана правило. Ќе видиме каков епилог ќе има случајот Онкологија!

Во држава во која кршењето на законите стана општествен принцип, не може да се очекува друго, туку физички упад и напад на поранешниот министер за економија, Беким Незири (во владата на Груевски), со неговите пријатели во државна институција! Моќен во времето на СДСМ, моќен и во времето на ВМРО-ДПМНЕ!

„Мало кошкање“ – би рекол директорот на компанијата, но чинот е за голема осуда. Иако, за волја на вистината, не е многу изненадувачки, како што тоа се обидуваат да го прикажуваат поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ, но и дел од поддржувачите (божем) на СДСМ, коалицискиот партнер на ДУИ.

Бидејќи, кога се прават владините коалиции, за СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ да се инсталира и останува на власт, ДУИ, речиси консензуално или акламативно во дел од интелектуалните и медиумски (аналитички) кругови, кои денес се чудат од Незири, се претставува како европска политичка опција. Веројатно, појдени од правилото дека „Во животот се е минливо, само интересите се вечни“. Секоја чест на чесните и доследни критичари на властите во земјата.

Превземено од Цивил Медиа