Во Велес и околината има поголем број диви депонии. Надлежните велат не може да се даде прецизна бројка, бидејќи иако ги чистат, повторно никнуваат. Ги има на повеќе локации, во градот, надвор од него, а токму дивите депонии се една од причините за пожари, кои се актуелни деновиве поради високите температури.
Од Општината за МИА посочуваат дека секоја година од 2021 се спроведува генералка викенд, но сепак проблемот со дивите депонии останува. На веб страницата на Општина Велес во наведените проекти кои се спроведуваат во секторот на животната средина, а се однесуваат на чистењето на дивите депонии, видливи се проектите планирани за 2020, односно 2021 година, при што за оваа цел општинските власти издвоиле околу 500 илјади денари.
МИА за оваа тема разговараше со Рајне Игновска Наумчев, советник за оцена на влијанието на животната средина во Општина Велес, која вели дека Општината постојано спроведува активности за чистење на дивите депонии. Оние кои се во градот континуирано се чистат, а за оние надвор од градот се спроведува акција секоја година и тоа на различна локација во зависност од големината на депонијата.
– Има поголем број на диви депонии, така што не може точно да се каже. И локациите се повеќе. Ги има во градот, тие континуирано се чистат, а надвор од градот спроведуваме активности. Секоја година од 2021 се спроведува генералка викенд. И оваа година се чистеше на Езерото Младост, претходната се чистеше во околината на Топилницата, пред тоа се чистеше покрај реката Вардар покрај градскиот парк и реката Бабуна. Така што секоја година имаме различна локација во зависност од големината на депонијата, нагласува Игновска Наумчев.
Дивите депонии најчесто настануваат поради несовесното однесување на граѓаните. Игновска Наумчев посочува дека несовесните граѓани фрлаат отпад каде што ќе посакаат и не се придржуваат до соодветните локации каде што треба да го фрлаат. Вели дека во Одделението за животна средина во Општината има програма во која се предвидени средства за чистење на депониите.
– Имаме програма во Одделението за животна средина каде што имаме предвидено соодветни средства за чистење на депонии. Во зависност од појавувањето на дивите депонии се издаваат налози до Јавното комунално претпријатие и се чистат, вели Игновска Наумчев за МИА, а нивното создавање, како што посочува, може да се спречи само со подигање на јавната свест.
За тоа како е решено прашањето на комуналниот отпад во Велес, вели дека има план и програма, според која работи комуналното претпријатие и секојдневно се чисти и по региони и во централното градско подрачје.
Дивите депонии надлежност на општините, МЖСПП секоја година одвојува средства доколку тоа се побара од него
Во целата држава се идентификувани над илјада диви депонии, но нивниот број не е констатен, тој секојдневно се менува. Надлежноста за отстранување на дивите депонии е во рацете на општинските власти, а Министерството за животна средина и просторно планирање секоја година одвојува средства од буџетот за нивно чистење, доколку за тоа до нив општините достават барање.
Раководителката на Секторот за управување со отпад при МЖСПП, Ана Мазнева Каранфиловска вели дека сите идентификувани диви депонии може да се преземат од регионалните планови за управување со отпад и физибилити студиите изработени за сите осум плански региони во земјата и нагласува дека состојба на терен за жал останува иста.
Министерството во изминатите 12 години, вели Мазнева Каранфиловска, најголем акцент посветило на воспоставувањето интегриран самоодржлив регионален систем за управување со отпад за секој од планските региони во Република Северна Македонија, бидејќи општините во сите региони покажале многу ниски капацитети и технички и финансиски за да можат самостојно да го воспостават овој систем. Дополнително подготвуваат и национална кампања која треба да помогне во информирањето на граѓаните за соодветното управување со отпадот и зошто е тоа важно за нивното здравје и безбедност.
Мазнева Каранфиловска нагласува дека воспоставувањето на регионалниот систем ќе придонесе и за надминување на постоечката состојба со управување со отпад, но и со создавањето на дивите депонии.
-Воспоставувањето на овој систем ќе придонесе за намалување на создавањето на дивите депонии, бидејќи сите населени места ќе ја добиваат соодветната услуга за собирање на отпад. Владата е посветена на изнаоѓање средства за финасирање на овие регионални системи, било преку кредитни линии или преку обезбедување на грантови од ЕУ или други фондови, вели таа за МИА.
Потсетува дека согласно Законот за управување со отпад („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 216/21”) градоначалниците во рок од една година од денот на влегувањето во сила на овој закон биле должни да ги затворат и рекултивираат дивите депонии.
-Исто така, овластените инспектори за животна средина на општините и овластени инспектори за животна средина на градот Скопје се задолжени да вршат увид и контрола дали отпадот е исфрлен, оставен, спален, напуштен или отстранет на начин спротивен на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон, појаснува таа.
Во случај кога ќе се утврди постоење на непосредна опасност по животот и здравјето на луѓето, овластените инспектори треба да издадат усна наредба за итно и неодложно отстранување на утврдените недостатоци кои записнички ги констатираат во соработка со Државниот санитарно-здравствен инспекторат, како и да го известат Државниот инспекторат за животна средина и другите надлежни инспектори или државни органи за утврдените неправилности и да побараат нивна интервенција.
Појаснувајќи ја процедурата, која кај нас неретко затајува, таа во разговорот за МИА нагласува дека генерално обврската за увид и контрола дали отпадот е исфрлен, оставен, спален, напуштен или отстранет на начин спротивен на овој закон е под надлежност на градоначалниците на општините и градоначалникот на град Скопје.
– Доколку сопственикот или корисникот на имотот на кој се наоѓа отпадот не го отстрани или одбие да го отстрани отпадот на начин предвиден со овој закон, отпадот ќе го отстрани давателот на услугата, односно правното или физичкото лице овластено за собирање и транспортирање на отпад врз основа на правен акт издаден од градоначалникот на општината, односно градоначалникот на градот Скопје на трошок на сопственикот или корисникот на имотот. Доколку отпадот е оставен на приватен имот без одобрение од сопственикот или корисникот на имотот, сопственикот или корисникот на имотот го информира градоначалникот на општините и градот Скопје, кој треба да преземе соодветни мерки за отстранување на отпадот, како и мерки против сторителот, додава Мазнева Каранфиловска.
Најбрзо видлива последица на дивите депонии загадување на воздухот, долгорочна загадувањето на почвата и водата
Проблемот со дивите депонии е комплексен, бидејќи тие секојдневно никнуваат и покрај постоечките законски регулативи и процедури како треба да се постапи за нивно отстранување, а несомнено тие оставаат сериозни последици врз животната средина и квалитетот на живење кај луѓето.
Според нашиот соговорник Ѓорѓи Танушев, советник во Општина Струмица од СТИГА – Е фронт, никој не води сметка за ефективно затворање, ниту пак спречување на нови диви депонии. Со него разговаравме за краткорочните, но и за долгорочните последици од дивите депонии.
– Ефектот е ужасен и цехот го плаќаат сите што се во близина на дивите депонии и нема дилема дека гарантирани се последиците што произлегуваат од нив. Најбрзо видлива последица е загадувањето на воздухот преку горење на отпадот затоа што се емитираат штетни гасови и честички коишто можат да предизвикаат респираторни и други здравствени проблеми кај луѓето и животните, вели Танушев.
Ги посочува диоксините, фураните, полицикличните ароматични јаглеводороди (PAHs), кои се особено канцерогени, потоа тешките метали и волатилните органски соединенија (VOCs) и хлорирани органски соединенија, кои пак се особено високо-токсични за сите живи организми, но и други супстанци кои се прекурзори на останатите загадувања како на пример сулфур диоксидот кој доведува до кисели дождови и деградација.
Подолгорочна и не толку брзо видлива последица, според Танушев, е загадувањето на почвата од хемикалии и токсични супстанци од отпадоците што се влеваат во почвата, што го прави земјиштето неплодно и опасно за растенијата и за животните. Тоа, додава Танушев, важи и за водите зошто отпадоците и исцедокот од нив можат да ги контаминираат подземните и површинските води, што има последици за водоснабдувањето и водените екосистеми.
– Дивите депонии можат да бидат извор на бактерии, вируси и паразити кои се шират преку инсекти, глодари и други животни. Системска еколошка деградација преку намалување на биодиверзитетот и оштетување на природните живеалишта на растенијата и животните. Најбенигното од последиците се од естетски и социјален карактер зошто дивите депонии го нагрдуваат пејзажот и можат да влијаат негативно на квалитетот на живот на локалното население, вклучувајќи ја и економската активност поврзана со туризмот и локалната индустрија. Па кој сака да живее во ѓубре или да оди на гости каде има ѓубре особено ако знаеме дека општа цивилизациска вредност е хигиената како одраз на секоја култура во светот, додава тој.
И покрај честите протести на еколошките здруженија за различни проблеми поврзани со животната средина, меѓу кои и дивите депонии, Танушев смета дека во државава нема политичка волја за решавање на ова прашање, но нема ниту функционален систем со доволно ресурси за законски земјата да се справи со ваков проблем.
Во земјава 57 комунални депонии, а само една усогласена со националното законодавство
На територија на државава има 57 комунални депонии, кои работат како легални депонии. Но, како што вели нашиот соговорник Танушев, тие не се во согласност со националното законодавство за безбедно управување со отпад.
-Практично Македонија има само една депонија на целата нејзина територија што е во согласност со националното законодавство односно тоа е депонијата „Дрисла“, која го опслужува регионот на Скопје, со околу 600.000 жители и прима приближно 180.000 тони отпад годишно, нагласува тој.
Ако државата функционира на овој начин со легалните депонии, вели Танушев, може да замислите како функционира со дивите депонии.
Нагласува дека државата мора да работи на усвојување и спроведување на строги закони и регулативи кои ќе ги санкционираат прекршителите и ќе ги охрабруваат граѓаните и компаниите да го фрлаат отпадот на законски дозволени места.
Предлага обезбедување на доволно легални депонии, рециклирачки центри и места за собирање на отпадот, организирање на едукативни кампањи за информирање на јавноста за опасностите од дивите депонии и за придобивките од правилното управување со отпадот, но и воведување на комунална полиција, системи за надзор и патроли кои ќе ги идентификуваат и спречуваат создавањето на диви депонии.
Смета дека треба да се обезбедат и субвенции и финансиски стимулации за компании и индивидуи кои ќе инвестираат во зелени технологии и практики за управување со отпадот.
– Дополнително, за малите општини треба да се издвои фонд за акции за чистење и санација на веќе постоечките диви депонии, со што ќе се намалат негативните ефекти врз околината. Сепак сметам дека за жал без конкретни репресивни методи нема да се постигне ништо зошто тоа најдобро се гледа во примерот кога некои од нашите сонародници што применуваат лоши пракси на фрлање отпад кога се во Македонија, таа пракса драматично прекинува и се менува кога се во земја на ЕУ, нагласува Танушев.
Во ЕУ ретко има случаи на диви депонии и тие, според нашиот соговорник, се претежно во новите земји членки, кои се уште се навикнуваат или ги решаваат историски дивите депонии.
– Генерално имаат одличен успех во справувањето со овој проблем зошто делуваат бескомпромисно и систематски. Ако се запрашаме зошто одговорот ќе го најдеме во фактот што во ЕУ доследно се спроведуваат законите и процедурите, има систематска едукација на најмалите генерации за екологијата, има сериозни инвестиции во организирани системи за прифаќање и менаџмент на отпад, се врши задолжителна селекција на отпад и се инвестира во воведување на иновативни технологии за намалување генералното ниво на отпадот, нагласува Танушев.
Во ЕУ се работи и на целосна забрана на пластичната амбалажа. Генерално, намалената употреба на пластиката е сериозен глобален проблем и неговото решавање во голема мера ќе придонесе за намалување на отпадот, но и намалување на нивото на микро-пластика во живите организми. Сепак, како што посочува нашиот соговорник, проблемите од таков карактер во ЕУ се решаваат со инклузивен дијалог и конкретни акции со конкретни буџети во зададени временски рамки. За споредба, заклучува тој, кај нас останува само на глуви монолози, желботеки и посочување ненадлежни…