Премиерот Димитар Ковачевски, во рамки на посетата на Словенија по повод учеството на Бледскиот стратешки форум, вечерва присуствуваше на работна вечера во организација на словенечкиот премиер Роберт Голоб.

-Лидерите ја искористија можноста за дискусија врзана со европската интеграција на земјите од Западен Балкан како и напредокот на реформските процеси што се смета за најдобра инвестиција за земјите од регионот, јави известувачот на МИА од Блед.

На работната вечера покрај премиерот Ковачевски учествуваа  претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, како и премиерите на Албанија Еди Рама, на Хрватска Андреј Пленковиќ, на Бугарија Николај Денков, на Косово Албин Курти, на Србија Ана Брнабиќ, на Црна Гора Дритан Абазовиќ и претседателката на Советот на министри на Босна и Херцеговина Борјана Кришто и вицепремиерката и министерка за надворешни работи на Словенија Тања Фајон.

Како што е најавено, Ковачевски ќе оствари билатерална средба со Мишел на која се очекува да стане збор, меѓу другото, и за актуелната состојба во земјата во контекст на уставните измени.

Ковачевски утре ќе се обрати на лидерскиот форум а потоа се очекува да има билатерални средби со специјалните претставници за Западен Балкан на ЕУ Мирослав Лајчак и на Обединетото Кралство сер Стјуарт Пич, како и други.

Премиерот Ковачевски на активностите ќе биде придружуван од вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи, кои исто така ќе имаат обраќања на  панели на Форумот.