Претседателот на Движењето ЗНАМ-За наша Македонија, Максим Димитриевски денеска во Куманово рече дека патот на ЗНАМ е јасен и дека ќе ги застапуваат интересите на граѓаните во идниот парламентарен состав. Убеден е дека вистинските социјалдемократи се во ЗНАМ и, како што рече, тие не менуваат страни.

– За разлика од сите нив, ние имаме став, а тие решија да ја уништат социјалдемократијата во целост, грижејќи се за сопствените функции и позиции со тоа што се ставија самите себе на добитни места на пратеничките листи кои се за обезбедување имунитет на сите оние кои учествуваа во тешки кривични дела во државата за кои треба да сносат одговорност, а воедно со тоа даваат лош пример на реалните социјалдемократи, изјави Димитриевски.

Упати и неколку прашања до лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски и до луѓето за кои, како што рече, ја узурпирале социјалдемократијата во државата.

– Сакам да го прашам Ковачевски каде беше додека режимот на Груевски ја газеше Македонија, додека пратеници беа исфрлани од Собрание, додека луѓе маршираа по улици и се бореа за демократија и праведно општество, каде беше Ковачевски кога крвави излеговме од Собрание. Да прашам дали беше во друштво на Мијалков и Груевски во свечената ложа на македонската Филхармонија каде уживаше во претставите. Дали тогаш беше вистински социјалдемократ како што денеска глуми загрижен социјалдемократ. Воедно да го прашам дали таа социјалдемократија за којашто се бори, всушност е истата којашто се откажа од Гоце Делчев, ги избриша АСНОМ-ските повелби од Уставот на Македонија, дополнително ги прогласи за администратори, а не бугарски окупатори и која учествуваше во бришење на спомениците, менување на македонската историја, погубно потпишување на меѓудржавни договори со коишто се нанесе далекурочно зло на Македонија и на следните генерации, рече Димитриевски. а