Економијата повеќе не е во стагнација. Државниот завод за статистика објави податоци за неколку сегменти од економското дејствување во Македонија преку кои веќе почнуваат да се гледаат видливи резултати од нашата работа, ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на денешната прес-конференција.

Таа посочи на податоците објавени од Државниот завод за статистика кои евидентираа намалвуање на стапката на невработеност на историски најниско ниво од 11,9%, зголемување на вработеноста на 46,2%, раст на индустриското производство од 1,4% во јануари 2025 година, раст на извозот за 5%.

„Тоа значи дека 13.067 илјади нови вработувања се реализирани на годишно ниво односно споредено со истиот квартал претходната година, што е економска поткрепа за нововработените лица и еден показател дека во компаниите се создал раст кој поттикнал отворање нови работни места, а тоа во 4 – от квартал од 2024 година се регистрираше и преку остварениот раст на БДП од 3,2%“, рече минисерката.

Според министерката клучно е дека за овој процес да се покрене, а имајќи ги предвид достигнувањата на економијата во првите два квартала од 2024 година, е создавањето предуслови за сигурно бизнис опкружување кое влијае на реализација на инвестиции, отворање нови работни места и повисок стандард. Дополнително ова е клучно и за привлекување и реализација на странски директни инвестиции за кои минатата недела објавивме дека во 2024 година е реализиран историски највисок износ од над 1 милијарда евра.

“Иако станува збор за краток период од имплементација на нашите политики, сепак податоците се охрабрувачки за нас да продолжиме со спроведување на поставениот план. Владата става фокус особено на економијата и инвестициите и на нив го темели вистинскиот напредок. Економијата и компаниите, како и вработените секогаш ќе имаат партнер во Владата. Обезбедивме и веќе почна исплатата на средствата од унгарскиот заем наменет за домашните компании, тоа ќе покрене инвестиции од околу 300 милиони евра кои ќе отворат нови дополнителни работни места наменети за нашите граѓани, за нашата млади кои ќе можат да ја бараат иднината тука во својата земја“, рече минитерката.