Нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври го остави целиот свет во шок бидејќи се сметаше дека вакво нешто едноставно не е можно, со оглед на огромната воена моќ што ја имаат Израелците, особено во однос на одбраната, откривањето и превенцијата. Исто така, се сметаше дека терористите во Газа ја немаат потребната логистика, ресурси и воена сила за да извршат нешто слично, особено на начин никој да не дознае за таков обемен план буквално до моментот кога веќе бил во тек.

Весникот „Ашарк Ал-Авсат“ откри како е направено тоа.

Според нивните изјави, само петмина лидери на Хамас го знаеле целиот опфат на планот за инвазија, а конечната одлука за нападот ја донеле само ден претходно. Во извештајот, кој се повикува на палестински извори блиски до раководството на бригадите Ал-Касам, се тврди дека одлуката и времето на нападот биле донесени од само пет лица – Јахја Синвар, лидерот на Хамас во Газа; Мухамед Деиф, водач на бригадата Ал-Касам; Мухамед Синвар; Рухи Муштаха, лидер на Хамас близок до Синвар; и Ајман Нофал, близок соработник на Деиф и поранешен шеф на разузнавањето на Ал – Касам.

Изненадувачки, на листата ги немаше лидерот на Хамас, Исмаил Ханије, неговиот заменик Салех ал-Арури или Марван Иса, кој се смета за клучен дел од внатрешната тројка на Хамас во Газа, кој моментално е одговорен за воените напори и киднапирањата.