Десетици илјади полицајци се распоредени на улиците во француските градови.
Тие се подготвени во случај да има протести или нереди по објавувањето на изборните резултати.
Многу сопственици на продавници во градовите ги заштитиле своите излози.
Француските гласачи во голем број излегоа на денешниот втор круг од парламентарните избори, на кој се очекува победа на екстремно десничарскиот Национален собир (РН).
Излезноста до 17 часот е 59,71 отсто наспроти 38,11 отсто во исто време на последните избори во 2022 година, соопшти француското МВР.
Ова е најголема излезност од 1981 година, што укажува на огромниот интерес за изборите во време на голема поларизација на француското општество.
Последните анкети покажуваа дека РН на Марин Ле Пен ќе освои најмногу места во Националното собрание, но не доволно за апсолутно мнозинство. Ова може да доведе до продолжена нестабилност и политички ќор-сокак во втората по големина економија во еврозоната.
Во првиот круг од изборите најмногу гласови доби антиимиграциската РН со една третина од гласовите, а на второ место се најде Новиот народен фронт (НФП). Аналитичарите ги прогласуваат и двете групи за екстремни, од десниот и левиот спектар, што тие го отфрлаат. Центристичката коалиција на претседателот Емануел Макрон заврши на третото место.
Гласањето во помалите градови завршува во 18 часот, а во поголемите во 20 часот. Првите проекции на резултатите ќе бидат објавени во 20 часот.