– Амбасадорот Дејвид Гир и советникот на УНОПС за Северна Македонија, Џијани Волпин во присуство на министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова и градоначалниците на Битола Тони Коњановски, на Тетово Билал Касами и градоначалникот на Куманово, Максим Димитревски, ја промовираа програмата „ЕУ за чист воздух“.
Станува збор за проект вреден 10 милиони евра кој треба да придонесе за намалување на загадувањето на воздухот во Скопје, Битола, Куманово и Тетово, како најпогодени градови од загадувањето на воздухот и животната средина, посочи Дејвид Гир, шеф на делегацијата на ЕУ во Северна Македонија.
-Овој проект е наменет за да ги замени застарените и неефикасни бојлери во седум јавни згради кои го загадуваат воздухот во Скопје, Битола, Куманово и Тетово. Со овој проект ќе се донираат шест еколошки автобуси за градот Скопје и ќе се засадат 6.000 дрвца во четирите најголеми градови. Во рамки на проектот ќе се продолжи со проширување на пристапната мрежа за централно греење во Скопје, и ќе се набават и инсталираат станици за мерење на квалитетот на воздухот, посочи амбасадорот Гир.
Потписник на програмата „ЕУ за чист воздух“ е и канцеларијата на УНОПС во Северна Македонија, која како што рече советникот Џијани Волпин е во функција за подобрување на животот на граѓаните.
-Загадувањето на воздухот е една од најголемите здравствени закани по здравјето на луѓето. Загадувањето на воздухот е посебно високо во градовите на земјите во развој, а Северна Маедконија не е исклучок. Во следните три години, со средства во висина од 10 милиони евра, се очекува значително да се влијае врз квалитетот на воздухот во Скопје, Битола, Куманово и Тетово. Наша примарна цел е намалување на загадувањето на воздухот и заштита на здравјето на жителите во градовите, истакна Волпин.
Министерството за животна средина и просторно планирање забележува дека во последниве години се повеќе се зголемува свеста за животната средина, информира министерката во МЖСП, Каја Шукова.
-Само сите заедно можеме да ги постигнеме целите и да го намалиме загадувањето на воздухот. Свесноста е зголемена кај граѓаните, во општините, кај сите партнери кои што може да му помогнат на министерството во исполнување на стратешките цели детерминирани во плански документи од областа на животна средина. Тоа што ќе се реализира во рамки на овој проект е дефинирано пред неколку години и многу ќе помогне во четирите општини, истакна министерката Шукова.
Јавна благодарност за вклучување во проектот „ЕУ за чист воздух“ искажаа градоначалниците на Битола, Тони Коњановски, на Тетово Билал Касами и градоначалникот на Куманово, Максим Димитроевски.