Лекувањето на повредните во пожарот во Кочани не е битка од 72 часа туку процес кој ќе трае со недели или месеци, рече денес директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски. Здравствените власти почнуваат подготовки за следните фази неопходни за лекување на сите повредени.
„Денеска ќе пристигне тим од Британија кој ќе треба да ни помогне да се подготвиме за следната фаза, рехабилитација на пациентите. Веќе мора да размислуваме еден – два чекори понатаму, кога ќе почнат пациентите да се враќаат во Македонија“, рече директорот Клековски.
Според последните информации кои popladnevo ги сподели министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, во болниците во земјава се лекуваат 93 повредени, а 80 пациенти се транспортирани на лекување во странство односно во Србија, Бугарија, Турција, Грција, Австрија, Литванија, Словенија, Унгарија и Хрватска.
Директорот Клековски вели дека некои од пациентите ќе треба да бидат згрижувани на многу долг период бидејќи има пациенти со значителни оштетувања.
Ниту еден пациент, нагласува Клековски, не треба да почувствува дека му е скратено правото на лекување во странство оти конзилиум од лекари од скопските клиники секојдневно ги следи пациентите кои се во нашите болници и носи одлуки за пренесување во други болници во зависност од состојбата.
За пациентите сместени во нашите болници, покрај нашите лекари се грижи и тим од лекари од српската ВМА, кој денес мора да се повлече оти во нивните болници се зголеми бројот на пациенти од кај нас, но остануваат тимовите од Чешка и Израел кои оцениле дека Клиничкиот центар и ГОБ „8 Септември“ ги исполнуваат сите услови за соодветен третман на пациентите.