Жителите на општина Липково, поточно на селата Лојане и Ваксинце се на работ на еколошка катастрофа од невидени размери, а главен виновник се токму актуелните владини функционери на ДУИ, на кои воопшто не им е грижа што изворите на водата за пиење, воздухот и плодната почва се полни со високо ниво на арсен и други тешки метали кои се испуштаат од локалниот рудник и депонија. Ова денеска на прес конференција го истакна Халил Ибраими од Демократското движење, за дополнително да додаде дека жителите на овие две села се изложени на ризик од масовно загадување, со загрижувачки пораст на случаи на опасни болести и со долгорочни последици, додека повеќе во опасност се децата кои учат во локалното училиште кое се наоѓа на само 100 метри од смртоносната депонија со арсен.

„Значи денеска од овде предупредуваме дека арсенот не е само хемиска супстанца во анализата, туку е моќно оружје што не напаѓа директно во главните елементи за живеење: водата за пиење, плодната почва и воздухот што го дишеме. Селата Лојане и Ваксинце се најзагрозените подрачја во оваа зона.
Жителите на селата Лојане и Ваксинце се изложени на ризик од масовно загадување, со загрижувачки пораст на случаи на опасни болести и долгорочни последици, додека нашите деца се најзагрозени, бидејќи Основното училиште „Рилиндја“ во село Лојане е само 100 метри од депонијата полна со арсен. Нашите деца растат под сенката на масовното загадување, правејќи го секој момент потенцијален ризик за нивното здравје. Додека пак респираторните болести, ракот и алергиите се шират со забрзан интензитет, особено кај нашите невини деца, владата на ДУИ има само една работа, отворање на казина!“, изјави Ибраими од Демократското движење.

Тој понатаму нагласи дека загадувањето не е само техничка најава; но тоа е масивно оружје кое се користи против нашето здравје и иднина, додека власта и ДУИ веќе 2 децении не се способни да стават ред во рудникот, па дури и да го отворат иако го водат министерството за концесии, или како официјално е познато, Министерството за економија на чело со Крешник Бектеши.

„Нема да прифатиме да живееме во сенка на оваа необјавена смрт. Повикот за акција е аларм, повик за силен отпор и непосредна промена. Ако сега молчиме, ќе платиме со своето здравје и иднината на нашите деца“, рече Халил Ибраими од Демократско Движење.

Тој презентираше и табели со загрижувачки податоци и анализи направени за водата, почвата и воздухот и нивото на арсен и тешки метали, како и статистички анализи на најчестите болести, вклучително и ракот, и статистика за смртност во општина Липково од страна на Институтот за јавно здравје-Скопје, Центарот за јавно здравје Куманово и други
институции.