Присутните се согласија околу потребата да се изготви ефективно решение со кое ќе се прошири опсегот на листата на санкции и ќе се дополни законот со процедура врз основа на која изречените санкции од САД ќе бидат процесирани во нашето законодавство.
Поддршката на САД како докажан сојузник на Република Северна Македонија е од огромно значење, како и напорите на американската влада за промовирање на мирот, стабилноста и функционалното демократско владеење во регионот.
Координативното тело заклучи дека по консолидацијата на забелешките и предлозите од членовите кои се дискутираа на денешната седница, предлогот за измени на Законот за рестриктивни мерки да се достави до Владата и да биде разгледан и усвоен на некоја од наредните седници.
На денешниот состанок, со кој претседаваше вицепремиерката Грковска, учествуваа вицепремиерот за европски прашања, министрите за надворешни работи, одбрана и финансии, директорите на Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање, Управата за јавни приходи, Управата за финансиско разузнавање, Царинската управа и Финансиската полиција, како и претставници на министерствата за внатрешни работи и правда.