Белгиската црква ќе плати стотици илјади евра за медиумското покривање на посетата на папата Франциск на земјата. Ватикан бара од земјите домаќини да ги снимат сите јавни настапи на папата и снимките да не се наплаќаат.

– Ова е нешто на што Ватикан секогаш инсистира, истакна портпаролот на белгиските бискупи Герт де Керпел.

За снимање е ангажирана белгиска продукциска куќа. Црквата ја плаќа цената, надевајќи се дека ќе ги покрие трошоците со донации, подароци и средства собрани за време на планираната служба. Покрај тоа, црквата мора да плати дополнителни 200.000 евра за наем и вонредни трошоци на стадионот „Крал Бодуен“, каде влезот ќе биде бесплатен за присутните.

Папата Франциск вечерва треба да пристигне во Белгија, а главниот настан ќе биде неделна богослужба на стадионот „Крал Бодуен“, каде се очекува да присуствуваат околу 37.500 луѓе.