Докажано е присуство на психоактивни супстанци кај четворицата малолетни пациенти кои се на Клиниката за токсикологија во Скопје. Не е докажано присуство на алкохол, потврди за МИА, директорот Андон Чибишев, откако вчера четири мамолетни лица беа примени во тешка состојба на Клиниката.
– Сите четворица пациенти се свесни, во подобрена здравствена состојба, со стабилни витални параметри. Немаат посериозни повреди. Продолжува интензивното лечење и надзор на Универзитетската клиника за токсикологија, појасни Чибишев.
Претходно, тој за МИА изјави дека малолетниците на возраст од 14 до 17 години, биле примени со пореметена свест.
На прашањето од медиумите до каде е истрагата и што е констатирано во врска со случајов, од Јавното обвинителство велат дека дополнително ќе ја информираат јавноста.
МВР во меѓувреме соопшти дека вчера во 13.57 часот во СВР Скопје било пријавено дека во Скопје, во двор од куќа, сопственост на Д.Ѓ.(40) од Скопје, тој бил физички нападнат со тврд предмет од малолетник. Веднаш по добиената пријава, полициски службеници од СВР Скопје излегле на местото на настанот, при што затекнале четири малолетни лица, од кои две биле во безсознание и истите консумирале алкохол и психотропни супстанци, а на местото на настанот биле пронајдени и остатоци од работи кои ги консумирале, за кои дополнително ќе се врши вештачење за да се утврди нивната содржина.
Малолетните лица со возило на Итна медицинска помош биле пренесени во Клиниката за токсикологија при Комплексот клиники „Мајка Тереза“ за укажување на лекарска помош.
Известен бил јавен обвинител, кој излегол на лице место. Во 16 часот полициски службеници го лишиле од слобода Д.Ѓ.. Денеска во тек е увид под раководство на јавен обвинител и се преземаат мерки и активности за целосно расчистување на случајот