Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), Венко Филипче, упати честитка до граѓаните по повод 8 Септември, Денот на независноста, во која посочува дека е време силата и способноста на нашите граѓани да ја искористиме за да ја надминеме секоја препрека што стои на патот кон подобро утре.
– Денешниот 8 Септември и 33 години независност на нашата Македонија нѐ потсетуваат на силата, единството и храброста што ја имавме кога го избравме патот на суверенитет и самостојност, наведува претседателот Филипче.
Во изминатите 33 години, како што дополнува, нашата татковина се изгради како независна, суверена држава, одлучна да го заземе своето место на европската и на светската сцена, потенцира тој.
– Овој пат не беше лесен и беше исполнет со предизвици, но и со многу достигнувања. Патот што го избравме пред три децении е потврда на нашата колективна волја за достоинство и просперитет. Во овие три децении, Македонија ги зајакна своите институции, ја обезбеди својата меѓународна позиција и создаде услови за економски и социјален напредок, вели Филипче.
Претседателот на СДСМ потенцира дека нашата држава денес се наоѓа пред многу искушенија, кои бараат од нас да покажеме уште поголема зрелост, сплотеност и одлучност. Пред нас, како што вели, се моменти кога мораме да го зачуваме она што е стекнато со многу труд – демократијата.
– Во ова време на нови предизвици поврзани со понатамошниот пат по кој ќе се движи Македонија, време е нашата сила и способноста на нашите граѓани да ја искористиме за да ја надминеме секоја препрека што стои на патот кон подобро утре. Пред нас е одговорноста да ја продолжиме изградбата на општество каде што секој граѓанин ќе има еднакви можности, а нашата земја ќе биде пример за стабилност, толеранција и напредок. Честит 8 Септември!, стои во честитката на претседателот на СДСМ, Венко Филипче.