Високиот претставник на Европска унија за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел денеска ги повика Либан и Израел да направат обиди за деескалација на тензиите долж границата.
Неговата изјава уследи по денешните прекугранични напади на припадниците на милитантната група Хезболах и израелската армија.
– Откако последен пат го посетив Либан во јануари, тапаните на војната не престанаа да чукаат. Оттогаш, загриженоста што ја опишав се зголеми, поголема ескалација, страв од проширување на војната од Газа и стравови поради масовно човечко страдање, истакна Борел на заедничката прес-конференција со либанскиот министер за надворешни работи Абдала Бу Хабиб во Бејрут.
Тој наведе дека според Обединетите нации, повеќе од 4.000 станбени згради во Либан се целосно уништени, а над 110.000 Либанци морале да ги напуштат своите домови во пограничните области. Борел истакна оти и од другата страна на границата, во Израел, ситуацијата е иста.
Борел наведе и оти ЕУ „е на страната на либанскиот народ за да помогне што е можно повеќе во справувањето со заканите и предизвиците“.
– ЕУ прави многу, но ние немаме волшебно стапче, истакна Борел.