Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи информира дека на 18ти август 2023 година од страна на Групација Амадеус и Амадеус Девелопмент ДООЕЛ, регистрирана е арбитражна постапка против Република Северна Македонија според Правилата и Конвенцијата на Меѓународниот центар за решавање на Инвестициски спорови (ICSID).
-Групација Амадеус побарува надомест за прекршувањето на Билатералниот договор за поттикнување и заемна заштита на инвестициите кој го имаме со Владата на Република Албанија Прелиминарните барања на тужителот се Република Северна Македонија да плати отштета на Групација Амадеус за наводно претрпена загуба во износ што моментално се проценува на не помалку од 110 милиони американски долари. Како што се наведува во известувањето за поведување на арбитражна постапка, Групација Амадеус првенствено била одговорна за изградба на комерцијална зграда, вклучително и хотел, во градот Скопје. Дозволата, исто така, барала изградба на скалила, кои беа познати како „Шпански скали“, рече Битиќи.
Тој кажа дека на јавноста и е познато дека проектот „Шпански скали“ е веќе предмет на кривично гонење.
-Тужителот тврди дека Општината Центар наводно му забранил на Амадеус да започне со градба. И покрај фактот што општината го издала првичното одобрение за градба во јули 2015 година, другите нејзини одлуки наводно го попречувале развојот на секој нареден чекор. Од 23 мај 2015 година до 30 септември 2015 година, Општината наводно ставила мораториум на градба. Набргу потоа, втората одлука наводно конкретно ја забранила изградбата на хотелот и деловната зграда на Амадеус, почнувајќи од 31 декември 2015 година. Тужителот тврди дека наводно поништувањето на Урбанистичкиот план за 2012 година резултирало со стапување во сила на Детален урбанистички план за централното градско подрачје на Град Скопје кој наводно не го вклучувал градежниот проект на Амадеус, рече Битиќи.
Според него, во овој момент тужителот само има наведено површни наводи и аргументи без докази и документација во поткрепа на така изнесените наводи.
-Постапката е покрената неколку години по наводно сторената повреда на договорот. Целиот процес започнува со распишаниот тендер од страна на Министерството за транспорт во 2012 – 2013 година, тогашен министер е Миле Јанакиески, заклучи Битиќи.