Вицепремиерот и главен преговарач на Косово во дијалогот со Србија, Бесник Бислими тврди дека Белград, а не Приштина, ја одбил средбата на главните преговарачи на двете држави, закажана за 17 септември во Брисел според агендата поставена од посредникот на Европската унија, Мирослав Лајчак, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во реакција на веста на српската новинска агенција „Танјуг“ дека наводно косовската страна ја одбила средбата, Бислими во напис на платформата „Икс“ (поранешен Твитер) рече дека Србија се обидела да наметне точки на дневниот ред „наменети за внатрешна политичка консумација“.

Главниот преговарач на Косово го повика посредникот Лајчак „да ги демантира намерните дезинформации од српските медиуми, кои лажно тврдат дека Косово ја отфрлило трипартитната средба на главните преговарачи“.

Лајчак на 6 септември го посети Косово и по средбата со Бислими изјави дека е постигнат „договор за следната средба“ на главните преговарачи на двете држави, без да изнесе други детали. Потоа, на 10 септември, словачкиот дипломат ја посети и Србија со цел, како што соопшти Брисел, „да се подготви следната средба на ниво на главни преговарачи“.

Според денешната вест на српската агенција „Танјуг“, Белград побарал во наредната рунда преговори да се вклучи и прашањето за мостот на реката Ибар и формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство во Косово, што, наводно, било причина Приштина да ја откаже средбата.

„За претстојните разговори за процесот на дијалог во Брисел закажани за 17 септември, Косово прифати трилатерална средба според агендата поставена од медијаторот. За жал, Србија ја отфрли таквата средба обидувајќи се да наметне точки од дневниот ред главно наменети за домашна политичка консумација. Го повикувам европратеникот Лајчак да ги демантира намерните дезинформации на српските медиуми, кои лажно наведуваат дека Косово го отфрлило трилатералниот состанок на главните преговарачи“, напиша Бислими.