Преговорите за решавање на прашањето на платите во јавната администрација се релативно тежок процес, особено што се одвиваат во услови на криза, но важно е дека во тој процес ја имавме целосната поддршка од премиерот Димитар Ковачевски и од друга страна имавме кредибилен партнер во синдикатите кои имаа сериозен пристап во изнаоѓање на решението, истакна министерот за финансии Фатмир Бесими.
-Важно е дека преку дијалог дојдовме до решение кое е во итнерес на работниците, кое е одржливо и е системско и кое овозможува независност на администрацијата во однос на прашањето со плата и нема да зависи од преговори, го штити стандардот и ќе ја следи продуктивноста на стопанството и претставува солидна основа да се изгради здрава и професионална јавна администрација, рече Бесими во гостување на ТВ 21, соопштуваат од прес-службата на Министерството за финансии.
Посочи дека со овој договор се опфатени 129.000 вработени во јавната администрација на централна и локална власт, односно буџетски корисници, јавни претпријатија на локално и централно ниво, општини и слично, кои согласно договореното ќе добијат 10 отсто повисока плата од септември 2023 година, исплата на К-15 за 2023 година во износ од 10.000 денари, К-15 од 2024 година во износ најмалку од 30 отсто од просечната нето плата и методологија поврзана со коефициент помножен со просечна бруто плата од март 2025 година.
Како што наведе, потребните средства за спроведување на овој договор годинава ќе се обезбедат со ребаланс или преаспределба само на расходната страна и дека тоа ќе биде усвоено од Собранието во текот на септември. Средствата, како што појасни, ќе се бараат со прераспределби, и дека нема да се зголеми дефицитот. Тој информира дека наредните денови се очекува постигнатиот договор со синдиктите да биде на дневен ред на седница на Економско-социјалниот совет.
Министерот истакна дека очекува решение, како ова што е постигнато за Општиот колективен договор, да се постигне и во однос на барањата на вработените во Управата за јавни приходи и Царинската управа, каде веќе се одвиваат и преговори со посредство на медијатор.
Бесими се осврнал и на процесот на издавање на граѓанската обврзница, за која денеска е последен ден во кој граѓаните може да поднесат барање за купување обврзница. Наведе дека ова е нов иновативен инструмент во кој граѓаните ја препознале можноста што ја дава и дека веќе е надминат износот на кој беше објавен проспектот за аукцијата.
-Заклучно со вчерашниот ден се запишани 14 милиони евра, но утре кога ќе се одржи аукцијата ќе го знаеме точно износот. Ќе бидат запишани сите средства за кои покажале граѓаните интерес. Средствата обезбедени преку овој инструмент ќе влезат во трезорот и ќе се финансираат развојни проекти кои се предвидени и планирани со буџетот, рече министерот за финансии, додавајќи дека за граѓаните нуди атрактивен принос за безризична инвестиција