Турција во блиска иднина нема да влезе во Европската унија, изјави шефицата на германската дипломатија, Аналена Бербок, додавајќи дека пристапниот процес останува „замрзнат“ поради, како што наведе, „проблеми со човековите права“.
Амбицијата на Анкара да стане членка на ЕУ е „длабоко во замрзнувачот“, рече таа на маргините на состанокот на европските министри за надворешни работи во Брисел.
-Тоа е затоа што не се исполнети важните критериуми кои се клучни за тие разговори, кажа Бербок.
Владеењето на правото и почитувањето на човековите права остануваат проблеми што ја спречуваат Анкара да постигне напредок во европската интеграција, објасни таа, тврдејќи дека моментот кога Турција ќе биде подготвена да ги продолжи преговорите е „во далечна иднина“.
Бербок додаде дека Турција „не е лесен сосед“ за Европската унија, но призна дека е „стратешки важен играч во непосредна близина на Европа“, со кој мора да се одржуваат посебни односи.
-Периодот по реизборот на Ердоган за претседател на земјата,во мај, е добар момент за стратешко размислување за проблемот, рече таа.
Берлин се залага за приближување со Анкара, кажа првата германска дипломатка, додавајќи дека тие треба да се засноваат на „стратешки пристап што гледа кон иднината“. Бербок, истовремено, кажа дека Европа „не е наивна“ и нема да дели подароци во овој „геополитички предизвикувачки момент“.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на почетокот на овој месец го покрена прашањето за членството на земјата во Европската унија, кога реши по една година да го одобри членството на Шведска во НАТО.
Ердоган кажа дека Турција повеќе од половина век чека членство во таа организација, додавајќи дека повеќето членки на НАТО се во Унијата. Тој го повика Брисел да ги продолжи преговорите со Анкара, додавајќи дека Турција тогаш „ќе го отвори патот на Шведска“ кон Алијансата.
Портпаролот на Европската комисија Петер Стано рече дека процесот на пристапување на Турција ќе трае „години“ и нема шанси таа да стане членка до следната година. Тој истакна дека Анкара прво мора да ги исполни сите услови.
Турција аплицираше за членство во ЕУ во 1987 година, а кандидатски статус доби 12 години подоцна. Процесот на пристапување почна во 2005 година, но практично е замрзнат од 2016 година.